• петок, 21 февруари 2025

Адем Хоџа по трет пат обезбеди пратеничко место во косовскиот Парламент

Адем Хоџа по трет пат обезбеди пратеничко место во косовскиот Парламент

Дебар, 20 февруари 2025 (МИА) – Во новиот состав на косовскиот парламент, место обезбеди и партијата „Единствена горанска партија“ што е едно од 10-те загарантирани пратенички места за малцинствата, покрај 10-те загарантирани за српското малцинство.

Во 120-члениот законодавен дом ќе биде лидерот на партијата Адем Хоџа, дипломиран инженер, кому ова му е трет последователен мандат. Во изјава за МИА, Хоџа вели дека ќе ги промовира културните вредности и обичаи, како и активно ќе работи на формирање на општина Гора во согласност со Уставот и законите на Косово. 

– Чест ми е што ќе ги претставувам моите Горанци во косовскиот парламент, но во исто време е голема обврска која ќе се трудам, како и до сега, максимално доследно да ја обавувам. Секако главна моја задача во име на сите е подобрување на условите за живеење во областа Гора, зачувување и активно промовирање на нашите културни вредности, обичаи и традиции, како и формирање општина Гора во согласност со Уставот и законите на Косово, изјави Хоџа за МИА.

Од партијата не го кријат задоволството од добиената поддршка, на целата територија на Косово, а не само во подрачјето на Гора. Велат дека ќе продолжат со нивните залагања за унапредување на правата, но и подобрување на условите за живот во селата на Гора за да се стопира миграцијата на младите.

Во оваа област распослани се 18 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед познати под името Горанци, кои говорат македонски јазик. 

Парламентарните избори на Косово, деветти од прогласувањето на независноста на земјата, а први кои беа спроведени во редовен термин, се одржаа на 9-ти овој месец. Меѓу 28-те изборни листи имаше 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат. вт/ра

Фото: Фејсбук Адем Хоџа

 

Остани поврзан