• понеделник, 20 мај 2024

Абас ги соопшти условите под кои палестинската управа ќе ја преземе контролата врз Газа

Абас ги соопшти условите под кои палестинската управа ќе ја преземе контролата врз Газа

Рамала, 27 декември 2023 (МИА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас ги наведе условите неопходни за палестинската управа да ја преземе контролата врз Газа.

Во интервју за египетскиот канал „Он“ (ON) , Абас ја нагласи потребата од целосен прекин на нападите, испорака на хуманитарна помош и спречување на раселување на Палестинците.

Палестинскиот претседател рече дека кога Израел ќе се повлече од Газа, палестинската управа ќе биде подготвена да преземе одговорност и контрола над Газа, Западниот Брег и Ерусалим, како единствена палестинска држава.

Тој изрази и подготвеност за меѓународна конференција во секое време.

- Израел сака да остане тука и да одвои делови од палестинските територии. Сепак, светот не го прифаќа. Теоретски против тоа се и САД, потенцира Абас.

Тој спомена дека во тек се разговори за прекин на огнот. Најави и состанок на кој ќе учествуваат ОАЕ, Катар и други земји, на кој ќе се разговара за прашањето за прекин на огнот и за повоениот патоказ.

- Израел, (премиерот Бенјамин) Нетанјаху и актуелната влада планираат да се ослободат од Палестинците и палестинската администрација - рече тој.

Тој ја спомена поддршката на Соединетите Американски Држави за Израел.

– Американците велат дека Израел не ги слуша. Ние не им веруваме. Тоа што се случува во Газа не се случило никаде на друго место во светот. Ситуацијата е полоша од Накба од 1948. Милијарди долари се потребни за да се започне нов живот во Газа, потенцираше Абас.

И покрај предизвиците, Абас изрази надеж за подобра иднина за Газа, нагласувајќи дека светот треба да го признае правото на палестинскиот народ на слобода и независност. ссм/

фото: архива

Остани поврзан