• четврток, 17 октомври 2024

СЗО: Во Појасот Газа напредува вториот круг вакцинација против детска парализа

СЗО: Во Појасот Газа напредува вториот круг вакцинација против детска парализа

Женева, 15 октомври 2024 (МИА) - Повеќе од 92.000 деца во Појасот Газа ја примиле втората доза на вакцина против детска парализа откако вчера почна новиот круг вакцинација, соопшти денеска Светската здравствена организација во Женева.

Израел се согласи да паузира во борбите за да ја олесни кампањата за вакцинација, како што тоа го направи во текот на првиот круг во септември, откако во Газа беше откриен првиот случај на полио во последните 25 години.

СЗО моментално работи со партнерски организации во центарот на крајбрежната област за да се дистрибуираат новите дози.

Тимовите за вакцинација потоа ќе се преселат на југ пред да заминат на север за да вакцинираат вкупно повеќе од 590.000 деца под 10-годишна возраст во вториот и последен круг. Децата тогаш треба да имаат целосна заштита од болеста.

Детската парализа има тенденција да се шири каде што многу луѓе живеат заедно под лоши хигиенски услови.

Едногодишната офанзива на Израел против милитантите на Хамас уништи огромни области на Газа и остави голем дел од здравствената инфраструктура во урнатини.

Стотици илјади луѓе побараа засолниште во кампови со шатори и сместување во итни случаи.

Првиот случај на детска парализа во последните 25 години е регистриран во Појасот Газа летото. Болеста може да предизвика трајна парализа, па дури и смрт. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан