• сабота, 21 декември 2024

Италија го прогласи за нелегално барањето сурогат мајка во странство

Италија го прогласи за нелегално барањето сурогат мајка во странство

Рим, 17 октомври 2024 (МИА) - Италијанскиот парламент им забрани на брачните двојки да патуваат во странство за да добијат дете преку сурогат мајчинство, потег за кој се залага партијата на премиерката Џорџа Мелони, а активистите велат дека законот ги таргетира истополовите партнери.

Откако ја презеде функцијата во 2022 година, Мелони спроведува многу конзервативна социјална агенда, настојувајќи да го промовира она што таа го смета за традиционални семејни вредности, што им отежнува на ЛГБТК двојките да станат законски родители.

Горниот дом, Сенатот, го усвои законот предложен од партијата на Мелони „Браќа на Италија“, со 84 гласа „за“ и 58 „против“. Предлог-законот веќе беше одобрен од Долниот дом минатата година.

Законот ја проширува забраната за сурогат-мајчинство што веќе е во сила во Италија од 2004 година на оние кои одат во земји како САД или Канада, каде што е легално.

Тој предвидува затворски казни до две години и парични казни до еден милион евра.

„Мајчинството е апсолутно единствено, тоа апсолутно не може да се направи преку сурогат мајка и тоа е основата на нашата цивилизација“, рече сенаторката на Браќа на Италија, Лавинија Менуни, за време на парламентарната дебата.

„Сакаме да го искорениме феноменот на сурогат туризам“, додаде таа.

Претходно оваа година, Мелони го нарече сурогат мајчинството „нехумана“ практика која децата ги третира како производи од супермаркети, повторувајќи го ставот на Католичката црква.

Во вторникот, демонстрантите се собраа во близина на Сенатот за да го изразат гневот поради предлог-законот, велејќи дека владата ги напаѓа ЛГБТК луѓето и им штети на оние кои сакаат да имаат деца, и покрај фактот што земјата доживува голем пад на стапката на наталитет.

Италијанскиот национален статистички институт ИСТАТ во март објави дека бројот на раѓања паднал на рекордно ниско ниво во 2023 година - 15-ти последователен годишен пад. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан