• четврток, 25 јули 2024

Јавна дебата „Чебрен е наш ресурс и не е за раздавање“ 

Јавна дебата „Чебрен е наш ресурс и не е за раздавање“ 

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) – Проектот за изградба на хидроцентралата Чебрен по пат на јавно – приватно партнерство е штетен и со него се нарушува електроенергетската независност на земјава, но и се дава на управување воден ресурс кој е веројатно најзначаен во овој век. Мора да останат во државна сопственост сите значајни енергетски капацитети и секое распродавање на блоковите во РЕК Битола, и, особено, на хидроцентралите, е поткопување на енергетската независност и на енергетскиот суверенитет на државата, а со тоа и на нејзиниот државен суверенитет, е главниот заклучок на јавната дебата „Чебрен е наш ресурс и не е за раздавање“ што денеска се одржа во организација на Здружението на инженери на Република Македонија.

Ние, како што истакнаа експертите на денешната дебата, со давањето под концесија нема да добиваме струја од ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Тиквеш и ќе ни биде исто како да ја купуваме на берза од било каде. Сега велат имаме струја, а во иднина ќе треба таа иста струја да ја купуваме на берза по берзански цени кои се петпати поголеми од цените по кои сега ја купуваме.

-Еден од главните столбови на една држава е енергетскиот суверенитет. Ако него го поткопате немате држава. Ако дозволиме со нашата струја да управуваат странци нема да имаме свој суверенитет и ќе бидеме робови во сопствената држава, рече професорот Атанаско Тунески и порача дека хдроцентралата Чебрен и водите во сливот на Црна Река мора да останат македонски.

Според она што сега се планира да се направи, додаде, со нив ќе управува грчки инвеститор.

-На тој начин ХЕЦ Тиквеш, кој сега е во македонски раце и продава евтина струја во нашиот електроенергетски систем, според планот повеќе нема да дава евтина струја, туку ќе ја продава на берза и ќе биде петпати поскапа. Таа струја според планот на Владата треба да премине во грчки раце. Ние се лишуваме од нашите 150 гигават часа електрична енергија годишно и ги предаваме во рацете на странскиот инвеститор. На тој начин веднаш е јасно дека ја поткопуваме енергетската независност на државата, рече Тунески.

Во моментов, како што кажа произведената струја од ХЕЦ Тиквеш се продава за 8 милиони евра на годишно ниво и се пласира до домаќинствата. Ако се продаде на берза истата струја ќе чини 40 милиони евра.

-Се создава сериозна разлика од 30-тина милиони на годишно ниво или за 60 години околу 1,8 милијарди евра, па дури и околу две милијарди. Таа разлика во цените треба некој да ја плати, а тоа ќе биде народот. Затоа велиме дека овој проект е штетен за Македонија и е во корист на странскиот инвеститор, потенцира Тунески и додаде дека околу една милијарда евра ќе има штета и од ХЕЦ Орлов Камен.

Покрај тоа, како што кажа, со водите ќе стопанисува странски инвеститор и тие на некој начин нема да бидат македонски води, туку на странецот. Побара објаснување зошто пропадна германската понуда за изградба на Чебрен која нудеше 49 отсто од сопственоста да биде на ЕСМ и концесијата да биде на 39 години, а сега поминува понудата со која се нуди 33 отсто сопственост и 60 години концесија.

Професорот Дејан Трајков посочи дека финансиската анализа на трите варијанти за изградба на ХЕЦ Чебрен – првата за јавно-приватно партнерство со грчките инвеститори, втората за сопствена инвестиција на земјава во две сценарија за производство на струјата – првото по заштитена цена и второто на берзата по пазарна цена покажуваат дека далеку најнеповолен е случајот по јавно-приватно партнерство.

-Нето сегашната вредност на проектот во случај на јавно-приватно партнерство целиот ефект после 67 години би изнесувал само 250 милиони денешни евра. Ако го изградиме сами и ако продаваме по сегашната заштитена цена од 53 евра за мегават час нето сегашната вредност би била околу 1,6 милијарди денешни евра, а доколку се продава на берза вредноста би била дури 2,5 милијарди денешни евра. Со инфлацијата би изнесувало 10,5 милијарди идни евра, рече Трајков.

Нагласи дека случајот на јавно-приватно партнерство е 10 пати понеповолен во споредба на случајот за самостојно инвестирање.

-Предлагаме Владата да се откаже од овој проект и да пристапи кон инвестирање. Тоа може да се направи со 10 до 15 отсто сопствено учество и останатите пари да се земат на кредит или во вид на обврзници, рече Трајков.   

Според професорот Константин Димитров, Владата треба да преземе надлежност да го реализира овој проект, кој како што кажа, не е за нас, туку за генерациите што идат. Станува збор, рече, за водостопански, а не за енергетски проект, бидејќи нема лимитирање на водите кои може да се користат.

-Има многу правни недоследности и нелогичности во постапката кои ќе го оспорат потпишувањето на договорот. До 14 декември е обврска да се формира заедничка компанија. Страната која го доби тендерот има поднесено  жалба на одлуката на Владата со која е доделен. Тоа значи дека процесот ќе се одложи, рече Димитров.

Нагласи дека едни услови има во една одлука на Владата, други во јавниот повик, а трети во одлуката на Владата за доделување на концесијата. Двете одлуки на Владата дадени во само еден месец, како што кажа, се контрадикторни.

-Условите на тендерот се едни, а одлуката на Владата е малку различна од условите од тендерот. Во одлуката на Владата воопшто не е спомнат Тиквеш, а во повикот е даден. Затоа бараме веднаш да не се истрчува, туку да се остави време и да се размисли. Убедени сме дека така ќе биде, рече Димитров.

Професорот Арсен Арсенов рече дека 13-те досега распишани тендери за изградба на Чебрен не успеаја, бидејќи станува збор за проект кој не е исплатлив.

-Трите студии што се изработени за Чебрен покажуваат дека сами или во комбинација со Галиште и Орлов Камен, во комбинација со Скочивир тоа е неисплатлив проект. Тој проект не е исплатлив ни за нас, ни за концесионерот, ни ако заедно го градиме. Како резултат на тоа пропаднаа 13 тендери. Затоа на концесионерот сега му се нуди изградба на патишта, трафостаници, експропријација и доколку го дадеме Тиквеш може да се гради. Моите пресметки покажуваат дека кога не би учествувале како држава во фиксните давачки и кога Тиквеш би останал во наша сопственост на инвеститорот не му се исплаќа да гради, рече Арсенов. вј/ев/

Фото: МИА 

Остани поврзан