• понеделник, 30 септември 2024

Шефот на француската дипломатија Ноел Баро во посета на Либан

Шефот на француската дипломатија Ноел Баро во посета на Либан

Париз, 29 септември 2024 (МИА) - Францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро вечерва ќе пристигне во Либан, соопшти француското Министерство за надворешни работи, додека во таа земја продолжуваат израелските напади, особено на јужните предградија на Бејрут.

Министерот Баро ќе разговара со локалните власти и ќе обезбеди француска поддршка, особено хуманитарна, соопшти Министерството.

Според официјалната програма, во текот на вечерта треба да му предаде итна медицинска помош на министерот за здравство на Либан, пред да одржи работен состанок за состојбата со француските граѓани.

Утрешниот ден ќе биде посветен на разговори со премиерот Наџиб Микати, генералот Џозеф Аун, командант на армијата и со Набих Бери, претседател на Собранието.

Министерот ќе се сретне и со специјалниот координатор на ОН за Либан и со силите на ОН во таа земја (УНИФИЛ).

Франција вчера побара итен прекин на израелските напади врз Либан и соопшти дека се противи на каква било копнена операција во таа земја.

Пред тоа, францускиот премиер Мишел Барние ја оцени ситуацијата во Либан како „исклучително сериозна“ и рече дека е загрижен за безбедноста на Французите во таа земја.

Министерството за надворешни работи на Франција засега не ги повика француските граѓани да ја напуштат земјата. паг/

Фото: ЕПА
  

 

 

Остани поврзан