• понеделник, 23 декември 2024

Канани: Иран нема да остане без одговор на израелските криминални постапки

Канани: Иран нема да остане без одговор на израелските криминални постапки

Техеран, 30 септември 2024 (МИА) - Иранското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека земјата нема да ги остави без одговор „криминалните активности на Израел“. 

-Иран нема да остави без одговор ниту едно од криминалните акти на Израел, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, прецизирајќи дека станува збор за ликвидации на лидерот на Хезболах Сајед Насрала и заменик командантот на иранскиот Револуционерната гарда, Абас Нилфорушан, во Либан, пренесуваат британските медиуми. 

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги осуди израелските напади врз регионалните сојузници на Техеран, велејќи дека на Израел не треба да му се дозволи да ги напаѓа една по една земјите од иранската „оска на отпорот“ и предупреди дека таквите акции нема да останат без одговор.

Пезешкијан рече дека Иран мора да го поддржи Либан откако Израел ја нападна оваа земја, објавија иранските државни медиуми.

Си-Ен-Ен објави неименуван американски функционер кој рекол дека администрацијата на Бајден е загрижена дека Иран би можел да го нападне Израел по убиството на лидерот на Хезболах Хасан Насрала. Изворот на Си-Ен-Ен наведува дека се во тек подготовките за заедничка одбрана, а медиумите без прецизни податоци оценуваат дека тука спаѓаат „промени во воената позиција на САД“, објави „Тајмс оф Израел“.

Во април, коалицијата на САД, Велика Британија, земјите од Персискиот Залив, Египет и Јордан му помогнаа на Израел речиси целосно да спречи масовен воздушен напад од Иран.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан