• вторник, 24 декември 2024

Железничката несреќа кај Темпи фрла сенка на номинацијата на Ѕиѕикостас за еврокомесар за транспорт 

Железничката несреќа кај Темпи фрла сенка на номинацијата на Ѕиѕикостас за еврокомесар за транспорт 

Брисел, 30 септември 2024 (МИА) - Номинирањето на Гркот Апостолос Ѕиѕикостас за нов еврокомесар за транспорт, одново го актуелизираше прашањето за улогата на грчките власти во попречување на истрагата за минатогодишната железничка несреќа кај Темпи во централна Грција, во која загинаа 57 лица, повеќето млади. 

Во врска со ова прашање претставничката на родителите на жртвите во несреќата, Марија Каристијану, упати писмо до претседателките на Европската комисија и Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола и до еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, во кое тврди дека грчките власти се обидуваат да прикријат некои работи поврзани со случајот, во прилог на што посочува дека судската постапка за утврдување на одговорните за несреќата се одвива бавно и се одолговлекува. 

Слични обвинувања изнесе и грчката опозиција, додека владејачката Нова демократија, од чии редови доаѓа и Ѕиѕикостас, инсистира на тоа дека нема никаква политичка одговорност за несреќата и дека треба да се остави на правосудниот систем да го испита случајот. 

Како причини за несреќата се посочуваат проблеми со сообраќајната сигнализација на пругата, за чија надградба Грција склучи договор, финансиран од ЕУ, но кој систем се уште не е целосно поставен. Експерти посочија дека железничката несреќа кај Темпи би можела да биде избегната доколку новиот систем бил поставен. 

За „Договорот 717“, со кој се предвидува реконструкција и надградба на железничкиот сигнален систем и воведување на далечинско управување на возовите во Грција, уште пред несреќата кај Темпи, истрага поведе главната обвинителка на ЕУ, Лаура Ковеши. 

At least 32 people were killed when a freight train collided with a passenger train in central Greece on Tuesday night, according to the fire brigade, with people still believed to be trapped

Ковеши излезе со тврдење дека грчките власти ја попречиле нејзината истрага за случајот и испрати писмо до Еврокомисијата во кое бара оценка на одредбата во грчкиот Устав која на функционерите им обезбедува имунитет од обвиненија. 

Се оценува дека токму поради оваа железничка несреќа Ѕиѕикостас би можел да се соочи со „непријатни“ прашања за време на претстојното сослушување во Европскиот парламент, иако тој лично нема никаква поврзаност со случајот. 

Во писмото упатено до европските институции во Брисел, Каристијану бара „два пати да се размисли дали кандидатот предложен од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис“ е соодветен за должноста еврокомесар за транспорт. 

- Како е можно такво клучно место со голема одговорност за целата европска безбедност и развој на транспортот, ЕУ да му го довери на политичар поврзани со Влада која целосно потфрли во овој безбедносен сектор во нејзината земја, наведува Каристијану во писмото. 

Таа додава и дека родните на 57-те жртви на ова „ужасно злосторство, активно се обидуваат да ја откријат вистината меѓу безбројните лаги“ што, според неа, ги изнеле грчките власти.

- Грција долго време се соочува со огромни проблеми во својот железнички сектор, а непочитувањето на безбедноста и недоволното инвестирање придонесуваат за постојани инциденти. Трагичниот инцидент во Темпи е најпогубниот резултат на овие долгогодишни проблеми, додава Каристијану, чие здружението организираше и петиција со барање „правда за несреќата“, која досега собра над 1,5 милиони потписи. 

Каристијану посочува и дека неуспехот целосно да се комплетира важниот инфраструктурен проект од договорот од 2014 година, е клучно за влошување на безбедноста на грчката железницата.  

- Минатата недела дрво влезе во кабина на воз со стотици патници, а два воза запреа во последен момент откако увидоа дека се движат еден кон друг на иста пруга, тврди Каристијану. 

Таа се осврнува и на истрагата на Ковеши, која, според неа, ги покренала „длабоко вкоренетите прашања“ поврзани со транспортната инфраструктура на Грција што „ги доведуваат во опасност животите на луѓето“. 

- Во услови на тековната правна постапка, тековната истрага за „Договорот 717“ и нерешените прашања во врска со безбедноста на железницата, верувам дека доделувањето на одговорноста на транспортот (на Ѕиѕикостас) може сериозно да ја поткопа довербата на јавноста во европското владеење и во транспортната инфраструктура, се потенцира во писмото. 

Каристијану во него се осврнува и на изјави на грчкиот премиер Мицотакис, кој по несреќата, уште пред почетокот на каква било истрага, рече дека таа била предизвикана од „човечка грешка“. 

- Исто така, потсетувам дека властите веднаш по инцидентот се обидоа да ги прикријат и отстранат сите докази од местото на инцидентот. Ова вклучува и хемиски докази и човечки останки, посочува Каристијану. 

Таа потсетува и дека претседателка на Комисијата за транспорт во ЕП, која треба да го спроведе сослушувањето на Ѕиѕикостас е грчката европратеничката Елиза Возеберг од редовите на Нова демократија.  

Според Каристијану, ова предизвикува загриженост за „потенцијален судир на интереси“ и сомнежи за задржување на потребната објективност и независност при сослушувањето. 

На барање на бриселскиот портал „Еурокатив“ за мислење за овој евентуален судир на интереси, од Комисијата за правда на ЕП, која во моментов ги проверува потенцијалните судри на интереси на кандидатите за еврокомесари, одговориле дека тие пред се се фокусирани на „финансискиот аспект на потенцијалниот судир на интереси“. 

Ѕиѕикостас, кој е актуелен гувернер на грчкиот регион Централна Македонија, беше предложен за член на новата Еврокомисија од страна на Владата на Грција, по што Фон дер Лајен при распределбата на ресорите го номинираше за еврокомесар за транспорт. сп/

Фото: Икс/МИА Архива

Остани поврзан