• вторник, 14 јануари 2025

Шест земји-членки на ЕУ бараат привремен прекин на санкциите за Сирија

Шест земји-членки на ЕУ бараат привремен прекин на санкциите за Сирија

Брисел, 13 јануари 2025 (МИА) - Шест земји-членки на ЕУ го повикаа 27-члениот блок привремено да ги прекине санкциите кон Сирија во областа на транспортот, енергијата и банкарството, јавија западни медиуми кои имале увид во документ.

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата ќе разговараат за ова прашање на состанокот во Брисел на 27 јануари.

Европските лидери почнаа да ја преиспитуваат својата политика кон Сирија по соборувањето на Башар ал Асад во молскавична офанзива на бунтовниците предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) поддржана од Турција. Сепак, ХТС е на списокот на терористички организации на САД, ЕУ, многу други земји, а исто така и ОН.

Во документот, потпишан од Германија, Франција, Холандија, Финска, Данска и Шпанија, се наведува дека ЕУ „треба веднаш да започне со прилагодување на режимот на санкции“.

Исто така, се предупредува дека ако очекувањата на ЕУ во однос на почитувањето на човековите права и малцинствата не се исполнат, преостанатите санкции можеби нема да бидат укинати, а оние што веќе се отстранети би можеле да бидат вратени. рп/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан