• вторник, 14 јануари 2025

Одржан првиот Висок совет за соработка Грција-Саудиска Арабија, прв за Грција со земја од Блискиот Исток

Одржан првиот Висок совет за соработка Грција-Саудиска Арабија, прв за Грција со земја од Блискиот Исток

Атина, 14 јануари 2025 (МИА) – Во древниот арапски град Ал-Ула, Грција и Саудиска Арабија го одржаа првиот Висок совет за стратешка соработка, што воедно е прв за Грција со земја од Блискиот Исток, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман го потпишаа записникот од состанокот, во кој се вклучени 46 иницијативи, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер, како што информираа од неговиот кабинет, истакнал дека Високиот совет испраќа јасна порака дека Грција и Саудиска Арабија ја зајакнуваат билатералната соработка на највисоко можно ниво во широк спектар на сектори, како што се одбраната, инвестициите, трговијата, енергетиката, туризмот, културата и спортот, но и посочил дека „Саудиска Арабија е стратешки партнер за Грција и ЕУ и клучен играч за стабилност и просперитет во целиот регион“.

- Оваа соработка има зголемено значење во сегашните околности во нашиот регион поради континуираниот конфликт на Блискиот Исток. Постои опасност од дополнителна дестабилизација на регионот, бидејќи војната во Газа се додаде на низа кризи, со чии последици сме повикани да се справиме, како што е војната во Украина. Во овој контекст, уште поважно е Грција и Саудиска Арабија да имаат иста визија за безбедноста и за мирот во регионот, нагласил Мицотакис.

На билатералната средба, грчкиот премиер и саудискиот престолонаследник разговарале за стратешкиот карактер на односите меѓу двете земји, за регионалните случувања, размениле мислења за ситуациите во Газа, Сирија, како и во Црвеното море. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан