• среда, 24 јули 2024

Хезболах нападна две израелски воени позиции поради убиството на негов член

Хезболах нападна две израелски воени позиции поради убиството на негов член

Бејрут, 23 јули 2024 (МИА) - Либанскиот Хезболах со беспилотни летала и ракети нападна две израелски воени позиции на северот на Израел, откако при напад на израелско беспилотно летало загина припадник на елитната единица на таа екстремистичка организација.

Хезболах соопшти дека испратил неколку беспилотни летала наполнети со експлозив до воениот контролен пункт на планината Мерон и ракета „Буркан“ со голема боева глава до контролен пункт во близина на селото Марглиот.

Исто така, наведено е дека овие напади се одмазда за нападот на израелско беспилотно летало врз селото Шакра, во јужен Либан, во кој беше убиен припадник на единицата Радван.

Израелската војска соопшти дека биле идентификувани „многубројни сомнителни воздушни цели“ кои летале над границата од Либан кон Израел, и дека некои биле пресретнати, а други паднале на планината Меран, но дека никој не е повреден.

Од почетокот на октомври минатата година, повеќе од 450 луѓе, главно членови на Хезболах и околу 90 цивили, се убиени во израелските воздушни напади во Либан. На израелска страна загинаа 21 војник и 13 цивили. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан