• сабота, 21 декември 2024

Фон дер Лајен: Демократските сили во ЕУ треба да останат заедно во одбрана на демократијата 

Фон дер Лајен: Демократските сили во ЕУ треба да останат заедно во одбрана на демократијата 

Стразбур, 18 јули 2024 (МИА) – Сите заедно ќе работиме за сила Европа, за просперитет и конкурентност на нашата економија, за социјална праведност затоа што сме социјална пазарна економија, за заштита на луѓето, за одбраната и безбедноста, но најважно тема на која ќе се посветиме е зајакнување на демократијата, порача денеска Урсула фон дер Лајен по нејзиниот реизбор на функцијата претседателка на Европската комисија од страна на Европскиот парламент. 

- Демократијата е нападната одвнатре и однадвор и од таму од круцијална важност е демократските сили да останат заедно во одбрана на нашата демократија, истакна Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со претседателската на Европскиот парламент, Роберта Мецола. 

Таа нагласи дека во следните пет години ќе продолжи интензивно да соработува со „проевропските, проукраинските и про-владеење на правото сили“ во ЕП, кои, според неа, го поддржале нејзиниот реизбор.  

- Благодарна сум на платформата на Европската народна партија (ЕПП), социјалдемократите и Да ја обновиме Европа, но многу сум благодарна и на Зелените, затоа што ме поддржаа. Имавме интензивна размена на мислења за многу теми и претставува добар знак што очигледно успеав да ги убедам да ме поддржат, рече Фон дер Лајен.  

Таа им се заблагодари на сите европратеници за искажаната доверба кон неа, потенцирајќи дека дадените 401 глас за нејзиниот реизбор претставуваат јасна порака и одраз на заедничката работа во изминатите пет години. 

- Не бевме поштедени од потешкотии и нашата Унија се соочи со многу проблеми како никогаш досега, но го задржавме курсот во остварувањето на нашите цели. Сакам да ви се заблагодарам тебе Роберта, на лидерите на демократските сили во Парламентот и на сите европратеници за одличната соработка во текот на минатиот мандат и за суштинската размена на мислења што ја имавме во изминатите две недели, изјави Фон дер Лајен, додавајќи дека ваквите искуства претставуваат добра основа за соработка и во следните пет години. 

Таа најави дека во следните недели ќе побара од земјите членки на ЕУ да ги достават предлозите за еврокомесари, нагласувајќи дека како и при изборот на претходната Европска комисија во 2019 година ќе инсистира да бидат номинирани по еден маж и една жена. Исклучок од ова барање, според неа, ќе има доколку биде номиниран некој од актуелните еврокомесари. 

- Потоа ќе разговарам со сите нив од средината на август и сакам да ги изберам најдобрите кандидати кои се подготвени да ја споделуваат европската посветеност, порача Фон дер Лајен. 

Мецола од своја страна и честиташе на Фон дер Лајен на реизборот нагласувајќи дека јасното мнозинство во Европскиот парламент е потврда за нејзиното силно лидерство и значење во време на предизвици. 

- Ова е најдобрата можна одлука за Европа. Тоа гарантира континуитет и потврдува дека ЕУ ќе продолжи и понатаму да се развива и ќе испорачува за нејзините граѓани, рече Мецола. 

Таа изрази задоволство што и во наредниот период ќе може тесно да соработува во Фон дер Лајен во остварување на поставените приоритети. 

- Сега е време овие приоритети да ги претвориме во реалност за сите Европејци, заклучи Мецола. 

Во одговор на новинарско прашање во врска со предлогот за забрана на производство на нови автомобили со мотори за внатрешно согорување по 2030 година, Фон дер Лајен изјави дека ЕУ останува посветена на целта за постигнување климатска неутралност, но дека ќе води сметка и за интересите на производителите и граѓаните. 

Запрашана што ќе преземе Европската комисија доколку по претседателските избори во САД во ноември ЕУ се соочи „со помалку пријателска Белата куќа“, Фон дер Лајен нагласи дека најважно е да се работи на изградба на силна Европа што ќе биде помалку зависна од други.

- Јасно е дека ние ќе соработуваме со нашите пријатели и сојузници, но исто така ќе ја градиме и нашата сила и ќе ги зајакнеме квалитетите што ги има Европа. Ќе работиме напорно за силна Европа и тоа ќе биде премисата врз која ќе дејствуваме, порача Фон дер Лајен. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан