• среда, 21 август 2024

Трфун Костовски: Што станува со трамвајот во Скопје?

Трфун Костовски: Што станува со трамвајот во Скопје?

21 август 2024

Отворено прашувам, каде е проектот „трамвај“ кој јас го оставив на моите наследници Коце Трајановски, Петре Шилегов и Данела Арсовска? Информациите кои стигаат до мене дека таков проект не е регистриран во градот, се најобична лага. Тој постои и ако е потребно јас ќе го обезбедам и ќе го доставам повторно до надлежните институции на градот.

Трифун Костовски

Почитувани читатели, како поранешен градоначалник на Град Скопје многу тешко ја прифаќам состојбата со јавните претпријатија Комунална хигиена и ЈСП, под владеење на Град Скопје. Овие две јавни претпријатија во денешни услови не соодветствуваат ни со минималните потреби на граѓаните.

Сликата е ужасна: сметот и понатаму е распослан низ Скопје, а јавниот сообраќај, на ивица на колапс, мака мачи како да им излезе во пресрет на потребите на граѓаните за безбеден, ефикасен, брз транспорт. Напротив, сѐ е спротивно на овие потреби.

Хигиената на Скопје од секогаш била рак-рана од две основни причини: непостоење на вистински систем за собирање, складирање и преработка на сметот и некултура на граѓаните во поглед на јавната хигиената за која, меѓу другото, сами сме виновни. За решавање на овој проблем потребни се издржани проекти и сериозни финансиски средства, меѓутоа некултурата на граѓаните треба да биде ставена под сериозни законски казни и едукација.

Состојбата во јавното претпријатие ЈСП е исклучително сериозна, посебно во периодот пред почетокот на новата учебна година. Грешка на актуелната градоначалничка Арсовска е што ги отстрани приватните превозници кои извршуваа помеѓу 10% и 20% од јавниот превоз во Скопје. Да биде јасно, приватните превозници беа нужност во минатото, а посебно денес, за задоволување на потребите на јавниот сообраќај во Градот Скопје.

Но, уште поболно е прашањето за каков јавен превоз ние говориме?

Реализирање и функционалност на јавниот сообраќај за градови како Скопје кои бројат помеѓу 800.000 — 1.000.000 жители (со приградските населби) е невозможна мисија само со автобуски превоз, без алтернативен јавен сообраќај.

Местоположбата, почвата, подземните води во Скопје се идеални за алтернативен јавен сообраќај, трамвај. Во светската историја, трамвајот од почетокот до денес има незаменливо место во решавањето на јавниот сообраќај во секоја урбана средина каде тој е имплементиран. Во мојот мандат беше направен идеен проект за изградба на линии за трамвај поделен во 3 фази, при што за првата фаза беше направен веќе финален проект. Првата фаза беше на линија Лисиче-Центар и назад. Беше утврдена траса и утврдена локација за изградба на најмодерно трамвајско депо со 48 композиции. Втората идејна фаза беше на линија Клинички центар-Чаир-Бутел-Гази Баба. Третата фаза беше Центар-Сарај и назад.

За отпочнување на првата фаза Центар-Лисиче-Центар во градската каса имав оставено 8 милиони евра, со цел да се отпочне овој проект. Јавноста мора да знае дека овој финален проект за првата фаза од трамвајот, градот го чинеше 1,5 милиони евра, а денес ваков проект би чинел повеќе од 10 милиони евра.

Работев со денес веќе покојниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ за обезбедување на трамвајски вагони од Хрватска, при што градот оваа набавка ќе ја плаќаше со одложени плаќања и компензација со земјоделско-сточарски производи кои во големи количини требаше да се продаваат во Хрватска. Депото кое требаше да биде изградено во Лисиче очекував да се реализира од страна на фирмата „Проектант“ во Сарагоза, Шпанија, која исто така е изведувач на вакви модерни депоа. Овие преговори за трамвајот доведоа и до збратимување на градот Скопје со градот Сарагоза.

За жал, на крајот од мојот мандат на отворениот тендер за изградба на првата фаза, најнапред реагираше Антикорупциската комисија предводена од претседателката Мирјана Димовска, тврдејќи дека јас не смеам да распишувам тендер за ваков сериозен финансиски проект, бидејќи сум бил во заминување.

Токму поради ваквите реакции на Антикорупциската комисија на тендерот не се јавија фирми, плашејќи се дека ќе влезат во несериозен проект кој ќе биде оспоруван. Мојот личен став во тој момент и сега е ист, дека јас до последен момент на мојата функција имам право да потпишувам договори, а доколку има сомнеж на криминални сознанија за истите, јас стојам на располагање да одговарам.

Денес, после цели 18 години од тие моменти Скопје остана без трамвај, а јавното претпријатие ЈСП ги доживува најтешките моменти од своето постоење.

Отворено прашувам каде е проектот „трамвај“ кој јас го оставив на моите наследници, Коце Трајановски, Петре Шилегов и Данела Арсовска?

Информациите кои стигаат до мене дека таков проект не е регистриран во градот, се најобична лага. Тој постои и ако е потребно јас ќе го обезбедам и ќе го доставам повторно до надлежните институции на градот. По моето заминување од функцијата градоначалник, градот има потрошено десет пати повеќе финансиски средства за можниот алтернативен јавен сообраќај како трамвај, надземна железница или некоја нова алтернатива, а резултат нема. Јас оставив финален проект за првата фаза на трамвај. За секој мудар човек ова многу значи.

Жално е што денес со проблемите на јавните претпријатија Комунална хигиена и ЈСП кои Градот Скопје не умее да ги води, се вклучува и централната власт. Отворено се прашувам самиот себе, а и вас, до кога зависта и љубомората ќе владеат со нашите животи? Кога ќе научиме да го практикуваме она што е најкорисно за сите граѓани, независно од која партиска провиниенција доаѓа првиот човек на градот?

(Авторот е бизнисмен и поранешен градоначалник на Скопје)

Кабинет на Трифун Костовски

Фото: МИА архива

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

 

Остани поврзан