• сабота, 23 ноември 2024

Стерјовски на тркалезна маса во Тирана: Суштинска точка во изборната реформа е застапеноста на малцинствата во Парламентот

Стерјовски на тркалезна маса во Тирана: Суштинска точка во изборната реформа е застапеноста на малцинствата во Парламентот

Тирана, 20 март 2024 (МИА) - Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, денеска учествуваше на тркалезна маса на дијалог во Тирана, организирана од претседателот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, со политичките партии.

Како лидер на партијата и во име на македонската заедница, тој ги сподели ставови околу изборната реформа, оценувајќи дека од суштинско значење е оваа реформа да се спроведе на сеопфатен и консензуален начин, со решавање на клучните прашања како што се електронското гласање и броење, деполитизирана изборна администрација и можноста за гласање на дијаспората.

-Суштинска точка во оваа реформа е застапеноста на малцинствата во Парламентот. Мораме да се погрижиме гласот на сите граѓани, особено на оние од малцинските групи, да се слуша праведно и ефективно. Тоа значи дека на малцинствата да им се гарантира одреден број мандати во парламентот. Овој чекор не само што ќе ги збогати парламентарните дебати, туку ќе помогне донесените одлуки да ги одразуваат потребите и аспирациите на сите сегменти на општеството, рече Стерјовски.

Исто така, додаде, од суштинско значење е изградбата на силна евроатланска и инклузивна Албанија, каде секој граѓанин, без разлика на етничката припадност, се чувствува претставен и ценет.

-Во моментов, регионалниот пропорционален изборен систем не е доволен за да одговори на потребите на различното општество како нашето и не гарантира правична застапеност на малцинствата, кои се распространети низ целата територија на Република Албанија, не само во одредени области. Време е да земеме пример од европските земји како Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Германија, Полска, Белгија, Косово, Руската Федерација, скандинавските земји ...,  кои успешно имплементираа вакви системи на претставување и ние да направиме позитивни промени, нагласи тој.

Според него и во петтиот мониторинг извештај за Албанија на советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа во 2023 година, од Албанија се бара да преземе позитивни мерки за да обезбеди застапеност на малцинствата во Парламентот.

Станува збор, рече тој, за создавање визија за една Албанија каде секој глас е важен и каде почитувањето на различностите е нашата сила.

На средбата учествуваа претставници и на други национални малцинства, на политички партии, како и поранешниот албански претседател Бамир Топи. вт/дма/

Фото: МАЕИ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан