• сабота, 23 ноември 2024

Стерјовски го запознал европратеникот Алфонси со проблемите на Македонците во Албанија 

Стерјовски го запознал европратеникот Алфонси со проблемите на Македонците во Албанија 

Дебар, 8 март 2024 (МИА) - Претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, информираше дека во Брисел остварил средба со европратеникот Франсоа Алфонси „клучна фигура во застапувањето за правата на малцинствата и ценет копретседавач на Интергрупата за малцинствата во Европскиот парламент“.

- Нашиот разговор се фокусираше на моменталната состојба на македонското малцинство во Албанија. Имав чест да го запознам со посебниот извештај подготвен од партијата Македонска алијанса за европска интеграција, за неодамнешниот попис во Албанија, спроведен во октомври 2023 година и мешањето на Бугарија за време на пописот. Средбата е значаен чекор кон градење на меѓусебно разбирање, напиша во објава на „Фејсбук“.

Додава дека разговарале и за различните патишта за соработка и поддршка, фокусирајќи се на унапредувањето на правата на малцинствата и застапеноста во Европа.

Стерјовски, кој ја предводи партиската делегација, се сретнал и со европратеничката Ана Миранда. 

- Имав честа да се сретнам со европратеничката Ана Миранда. Таа е исклучителен застапник за правата на малцинствата во Европскиот парламент и нејзината поддршка и посветеност кон оваа кауза е навистина инспиративна, посочи Стерјовски. 

Тој вчера имаше обраќање на Генералното собрание на Европската слободна алијанса, ЕФА, во Брисел, каде МАЕИ едногласно беше примена за полноправна членка. 

Претходно делегацијата оствари средба со претставници на Советот на Европа и советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во Стразбург. вт/ир

Фото: Стерјовски ФБ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан