Спасовски: Во 2022 година има за 50 отсто зголемена откривачка дејност кај корупцијата
- Тоа значи не само зголемување на активностите на МВР, туку и јакнење на јавната свест за борбата против корупцијата, бидејќи сепак, најважната соработка е меѓу граѓаните и полицијата, нагласи министерот.
Скопје, 22 мај 2023 (МИА) - Ако се согледаат статистичките податоци за 2022 година, ќе се забележи дека во делот на корупција е забележана за 50 отсто зголемена откривачка дејност, одговори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за време на гостувањето во вестите на „Канал 5“, прашан за приведувањето и поднесените кривични пријави за вработена во АРМ и вработен во „Водостопанство“ за примање мито, односно дали тоа значи навестување на пожестока борба против корупцијата.
- Тоа значи не само зголемување на активностите на МВР, туку и јакнење на јавната свест за борбата против корупцијата, бидејќи сепак, најважната соработка е меѓу граѓаните и полицијата. Мислам дека овој случај, кој го реализиравме во петокот за две лица во делот на корупцијата, е, класичен пример за тоа дека граѓаните се одважуваат и соработуваат со полицијата, така да упатувам јасна порака до сите кои се надлежни би рекол, или сите оние кои се должни да работат во име на граѓаните, тоа да го прават во најдобар интерес на државата и граѓаните. Во спротивно, секој од нив ќе се соочи со законот, подвлече Спасовски.
Запрашан за апсењето на неколку лица поврзани со ИСИС, во акција во соработка со француските власти, министерот кажа дека борбата со тероризмот и со обидите за тероризам, исто како што е случајот со миграцијата и сајбер криминалот, ќе биде долготрајна и таа нема да заврши ни брзо, ни лесно.
- Вие се сеќавате на првите акции кои ги спроведовме 2015 година во борбата против тероризмот, и првите почетоци практично на формирање на институциите за борба против тероризмот - Комитетот за борба против тероризмот и насилниот екстремизам. Сето тоа беше во насока да се стават во сиот свој капацитет сите безбедносни институции - АНБ, АР, МВР, заедно со Комитетот, кој би требало да работи превентивно, да можеме да ги превенираме сите овие активности и таму каде има потреба и репресивно да делуваме. Во тие активности имаме разбиено неколку организирани групи, кои претставуваа опасност во делот на тероризмот. Последниов случај беше, исто така, активност на МВР заедно со АНБ, којашто ја спроведовме заедно и со француските власти. Бидејќи, едно од лицата престојуваше на територија на Република Франција, две лица беа на територија на Република Северна Македонија, па во координирана акција, истовремено беа уапсени затоа што учествувале во странски војски или соработувале или се подготвувале за такво учество. Енергичен одговор е нужен и во овој дел и институциите навистина ќе бидат будни за безбедноста, сигурноста, мирот и спокојот на граѓаните да останат навистина на највисоко ниво, нагласи Спасовски. бд/са/
Фото: Министерство за внатрешни работи