• недела, 22 декември 2024

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Скопје, 28 септември 2024 (МИА) – Со отворање на изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал, информираа од КСП „Центар Јадро“. 

Како што стои во соопштението, на отворањето се обратиле основачката на Асоцијацијата Јадро Искра Гешоска, како и претседателот на Асоцијацијата, Артан Садику.

Гешоска во своето обраќање посочила дека целта е да се промени концептот во политичкиот систем во којшто навистина ќе бидат рамноправни креаторите на политички одлуки и граѓанскиот сектор.

– Би инсистирала да не се заборави зошто толку макотрпно се боревме за да се создаде оваа приказна, а тоа е заедништвото. Не беше едноставно, ни беше збунувачки, се конфронтиравме меѓусебно, ама пак тоа е заедницата, за такви заедници сонуваме, коишто ќе се конфронтираат, а сепак ќе произведуваат нови наративи. Мислам дека изведовме еден поинаков наратив, а мисијата сега треба да ни биде да го одржиме. Ќе видиме како тоа ќе оди понатаму, но сега за сега мислам дека функционира, вели Гешоска. 

Садику се осврнал на неколкуте обиди за вклучување на Асоцијацијата во процесите на креирање на новиот Закон за култура, притоа нагласувајќи дека како што се комплицираат политичките и економските услови во државата, регионот и на меѓународно ниво, првата жртва врз која паѓа товарот е секогаш културата.

– Едиствено нешто што мене да ми дава поттик е дека ние уште постоиме како Асоцијација на доста активни членки кои итекако имаат знаење, искуство и мотив за да продолжат да ја држат оваа сцена во живот, па понатаму и да ја развијат, бидејќи само со таква сцена општеството ќе има поприсутна култура која е критичка за разлика од култуирата која е детерминирана од страна на власта. Сакам да им се заблагодарам за сите членки на Јадро за нивниот интерес кои индувидуално допринесува за одрѓување или за развивање на незавинста културна сцена, истакна Садику.

Првата директорка на КСП „Центар - Јадро“, Јасмина Билаловиќ се осврна на почетоците на Центарот и сите предизвици кои биле надминати.

– Сакам да му посакам на Јадро среќен петти роденден, да има долг век и да се развива во согласност со потребите на независната културна сцена. Јадро отсекогаш ги следи и ќе се адаптира на современите начини на функционирање. Уште од самиот старт на 2019 година, голем број од стратешките цели на Јадро беа погодени од пандемијата, но тоа не спречи приказната да се развива“, заокружи Билаловиќ. ра/лв/

Фото: Центар Јадро

 

Остани поврзан