• петок, 08 ноември 2024

Собраниска делегација на дводневна студиска посета на Стокхолм

Собраниска делегација на дводневна студиска посета на Стокхолм

Скопје, 22 мај 2023 (МИА) - Во рамките на соработката за демократски развој, која веќе трета година се одвива меѓу Собранието на Република Северна Македонија  и шведскиот Риксдаг, делегацијата во состав Фадил Зендели, претседател и членовите Маја Морачанин, Мартин Костовски, Александар Велјановски, Гордана Силјановска Давкова, Арбана Пашоли, Халил Снопче, Снежана Калеска Ванчева и Здравко Трајанов престојуваат во дводневна студиска посета на Стокхолм денеска и утре, информираат од Секторот за односи со јавноста при Собранието.

- Во текот на првиот работен ден, пратениците на двата законодавни дома разменија искуства за работните услови на пратениците и надоместоците за нивната работа. Беа споделени шведските искуства за регулативата која го уредува економскиот аспект на работата на пратениците, односно нивните плати, патните трошоци, трошоците за сместување за оние членови на Риксдагот кои живеат на најмала оддалеченост од 50 километри од законодавниот дом, како и пристапот на јавноста до сите овие податоци. Шведските пратеници информираа и за регистерот за финансиски интереси, кој постои во Риксдагот и обврските на пратениците четири недели по нивниот избор да го пријават имотот. Беа споделени искуства и од работата на пратениците во македонското Собрание, нивниот професионален ангажман, надоместоците на кои имаат право, како и на бенефициите кои пратениците ги уживаат по завршувањето на нивниот мандат, кои во шведскиот случај, во зависност од пратеничкиот мандат, вклучуваат апанажа во траење од најмногу две години и можност за обуки за олеснување на транзицискиот период, пишува во соопштението.

Пратениците споделиле искуства и за улогата на медиумите и новинарите кои известуваат за работата на законодавниот дом.

- Во шведскиот парламент покрај 680 акредитирани новинари, вкупно 14 медиуми имаат постојани канцеларии чија цел е да ја доближат работата на пратениците до јавноста. Акредитираните новинари и фотографи имаат пристап секаде во зградата, со исклучок на канцелариите на пратениците и делот на спикерот. Прес-службата на Риксдагот работи со одобрување на акредитациите како и со пристапот до документите кои се во интерес на јавноста. Работата на пленарната седница се емитува во живо на веб-страната на Парламентот, додека работата на комисиите не е отворена за јавноста. Постојаното присуство на новинарите во законодавниот дом овозможува нивно детално познавање на работата на Риксдагот и објективно известување, се наведува во соопштението.

Како што се додава, студиската посета се совпадна и со седница на интерпелација на неколку министри во Владата на Шведска, на која присуствуваа пратениците на Собранието.

- Целта на интерпелацијата, во шведскиот контекст е поинтензивен дијалог помеѓу пратениците и министрите и не доведува до донесување на одлука на Парламентот. Пратениците присуствуваа на интерпелација на министерот за образование, при што откако министерот одговори на интерпелацијата на пленарната седница, се водеше расправа меѓу пратеникот и министерот. Правото на упатување прашања до Владата е еден од инструментите на парламентарната контрола, пратениците имаат можност да поставуваат усни и писмени прашања до Владата, а во текот на парламентарната година обично се поставуваат илјадници прашања, се додава во соопштението. бд/са/

Фото: Секторот за односи со јавноста при Собранието

Остани поврзан