• четврток, 12 септември 2024

Симулацијата на есенската потрошувачка кошничка пред Владата на идната седница

Симулацијата на есенската потрошувачка кошничка пред Владата на идната седница

Скопје, 12 септември 2024 (МИА) - Владата подготвува есенска кошничка со производи кои граѓаните највеќе ги употребуваат. Кошничката со околу 100 прехранбени производи треба да биде изготвена до петок. Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, граѓаните може да очекуваат и пролетна кошничка. 

Според Министерството за економија, Работната група во која има членови од министерствата за економија, земјоделство и финансии, ќе направи симулација за ограничување на цените или на маржите. Министерот за економија Бесар Дурмиши за МИА информира дека ќе се направат пресметки со намалување на маржите на 5, 10 или 15 проценти на трговија на мало или замрзнување на цените на одредено ниво. Симулацијата, рече, треба да даде информација кое ќе биде најповолното решение за крајните цени за потрошувачите и какви ќе бидат фискалните импликации од оваа мерка.

Предлогот и симулацијата на есенската потрошувачка кошничка ќе биде доставена до Владата на следната седница и ќе се донесе одлука за намалување на цените на овие основни прехранбени производи.

-Нашата цел е да им излеземе во пресрет на граѓаните се со цел да има подобрување на животниот стандард. Исто така сакам да кажам дека оваа есенска потрошувачка кошница во наредниот период ќе продолжи да се применува во вид на божиќна потрошувачка кошница, рамазанска потрошувачка кошница, велигденска потрошувачка кошница со измена на листата на производи кои ќе бидат опфатени во зависност од периодот во кој ќе се применува, изјави Дурмиши.

Премиерот е дециден дека Владата нема да дозволи повторно висока стапка на инфлација.

Премиерот на Велика Британија Борис Џонсон најави дека носењето заштитни  маски или други средства за покривање на устата и носот во продавниците и супермаркетите во Англија ќе биде задолжите

-Ќе имаме предновогодишна кошничка, есенска кошничка во која ќе има своевиден избор на производи што се најупотребувани во тој период од годината, ќе имаме пролетна, итн. Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните. Исклучително сум задоволен што стапката на инфлација во август на годишно ниво е 2,2 процента во однос на август минатата година што претставува навистина добар резултат, имајќи го предвид регионот и е меѓу првите во регионот, односно првите според ниска стапка на инфлација, би рекол и компетитивен во Европа и е понизок во рамки на еврозоната, што е добро. Значи, полека, но сигурно цените се стабилизираа и сакам да кажам дека во периодот што следи ќе продолжиме да се грижиме за стандардот на граѓаните, потенцира премиерот.

Во однос на Законот за нефер трговски практики, Мицкоски напомена дека Владата ќе му излезе во пресрет на стопанството доколку тоа побара одреден период за прилагодување. Истакна и дека се уште не ги добил писмата од коморите во однос на Законот за нефер трговски практики.

-Писмата, за жал, се уште ги немам добиено. Од она што можам да го добијам како информација од Стопанската комора е дека таму има, би рекол, своевидно разногласие меѓу трговските ланци, трговците и производителите. Инаку, Законот е тој. Доколку Стопанската комора побара официјално од нас како Влада недела, две, три, пет, колку им се потребни за усогласување, не гледам причина зошто тоа да не се случи. Ние работиме во интерес на бизнисот, интересот на економијата, во интересот на граѓаните и мислам дека тоа го правиме добро досега. Ќе видиме како ќе биде во иднина. Немаме намера да бидеме тврдоглави, ниту на сила да правиме некои работи. Доколку е потребно усогласување што се чекало со години, сега дополнителни две, три, четири недели не гледам причина зошто да не се случи, рече Мицкоски. 

Според министерот Дурмиши, Законот за нефер трговски практики останува во сила. Рабатот и дополнителните трошоци од листата на 2 548 тарифни броеви на земјоделски и прехранбени производи во трговија на мало и трговија на големо ќе бидат ограничени на 10 проценти, почнувајќи од 28 септември. мч/нд/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан