Симоне Инзаги ја доби наградата Беарцот како најдобар италијански тренер на годината
- Предводникот на Интер, Симоне Инзаги ја доби наградата „Енцо Беарцот“ за најдобар италијански тренер на годината.
Рим, 10 март 2024 (МИА) - Предводникот на Интер, Симоне Инзаги ја доби наградата „Енцо Беарцот“ за најдобар италијански тренер на годината.
Претседателот на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), Габриеле Гравина, ја забележа идејата што Инзаги ја всадува во тимот.
- Ми се допаѓа идејата на Симоне Инзаги. Оваа година тој беше едногласно признат за добитник на наградата. Тој ја достигна зрелоста во Интер, и на теренот и надвор од него, како што би посакал и самиот Беарцот, и е најспектакуларната еволуција на таканаречената италијанска школа. Друг аспект на Инзаги што би сакал да го истакнам е неговото силно чувство за припадност кон клубовите, демонстрирано прво во Лацио, а сега во Интер, каде што успева да создаде атмосфера на големо пријателство и соработка, изјави Гравина.
Говор имаше и тренерот на Интер.
- Благодарен сум за оваа престижна награда, која го носи името на еден толку голем тренер и човек на фудбалот. Ова признание немаше да биде возможно без исклучителната поддршка од сите оние кои работеа со мене низ годините. Оваа награда им ја посветувам на нив и на моето семејство, рече Инзаги.
Енцо Баерцот ја предводеше италијанската репрезентација до победа на Светското првенство во 1982 година.
Наградата „Беарцот“ е востановена во 2011 година и се доделува секоја година на водечки италијански тренери. зс/
Фото: ЕПА