• понеделник, 23 декември 2024

За секој истрчан километар донација од 100 евра за поплавената Валенсија

За секој истрчан километар донација од 100 евра за поплавената Валенсија


Валенсија, 8 ноември 2024 (МИА) – За секој километар што фудбалерите на Леганес ќе го истрчаат на утрешниот натпревар во Ла Лига против Севиља, овој шпански прволигаш ќе донира по 100 евра за настраданите од поплавите на југоистокот на Шпанија.
„Леганес ќе донира по 100 евра за секој истрчан километар на нашите играчи со што напорите на теренот ќе послужат за нешто повеќе од победа“, изјави денеска претседателот на клубот Џеф Луноу.
„Сакаме да го покажеме нашето единство со луѓето од Валенсија, и дека не постои дистанца што може да ги раздвои луѓето“, додаде тој.
Леганес, прволигаш од предградието на Мадрид, исто така, собра 200 тони хуманитарна помош претходно откако неговите навивачи, вработени и симпатизери донесоа храна, облека и други потреби.
Најмалку 219 лица загинаа, а по околу 80 сè уште се трага, кога пред десетина дена пороите предизвикани од обилните врнежи поплавија многу места во регионот на Валенсија. Куќите се под вода и кал, а многу луѓе останаа без имот во најголемата природна катастрофа во Шпанија во последните децении. ег

ФОТО: Фејсбук

 

Остани поврзан