Сервер за МИА: Договор кој ќе го компромитира суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина ќе охрабри сецесионизам и иредентизам на Балканот
- Секој договор за Украина што би го компромитирал суверенитетот и територијалниот интегритет на Киев ќе охрабри сецесионистички и иредентистички сили на Балканот, Босна и Херцеговина и Косово ќе се најдат под ризик, а Северна Македонија нема да биде подготвена да ги прифати бугарските барања без гаранции, изјави за МИА експертот за Балканот Даниел Сервер.

Вашингтон, 18 февруари 2025 (МИА) - Секој договор за Украина што би го компромитирал суверенитетот и територијалниот интегритет на Киев ќе охрабри сецесионистички и иредентистички сили на Балканот, Босна и Херцеговина и Косово ќе се најдат под ризик, а Северна Македонија нема да биде подготвена да ги прифати бугарските барања без гаранции, изјави за МИА експертот за Балканот Даниел Сервер.
Сервер, поранешен американски претставник за Босна и Херцеговина во улога на медијатор меѓу Хрватите и Бошњаците за Дејтонскиот мировен договор, изјави дека позицијата на Русите во актуелните преговори за Украина „е поволна и тие нема да го повторат сценариото со неуспехот на Минск-2“ во 2015 година.
-Русија сигурно би можела да се обиде да ги искористи разговорите за одложување (на договор за прекин на огнот), но во овој случај се сомневам во тоа. Американците нудат договор кој би овозможил Русија да остане барем во деловите од Украина што ги има окупирано. За Москва, атрактивна опција е да може да склучи таков договор и да добие време за повторно вооружување и регрупирање на армијата, изјави Сервер, кој ја предводи програмата за менаџирање конфликти на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон.
Смета дека интеграцијата на Македонија во ЕУ би се откочила само ако се оствари гаранцијата побарана од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицковски, дека бугарските барања за промена на Уставот ќе бидат последното барање од Софија.
-Македонија, според мене, е подготвена да ги прифати бугарските барања за вклучување на Бугарите во уставот, но сака тоа барање да биде последното од страна на Софија. Не знам дали Бугарите ќе се согласат на тоа, потенцираше Сервер.
Во врска со неучеството на ЕУ во првичните преговори меѓу Вашингтон и Москва за крај на војната во Украина кои се одржаа во Ријад, и плановите на Макрон и Шолц за развој на интегрирани европски воени сили независни од НАТО, Сервер укажа дека на Европа ѝ се потребни политичари кои можат да му парираат на американскиот претседател Доналд Трамп.
- На Европа ѝ требаат политичари кои се подготвени да му се спротивстават на Вашингтон, повеќе од тоа дали може или не да создаде интегрирани воени сили независни од НАТО. Политичари кои ќе бидат способни да го бранат украинскиот суверенитет и територијален интегритет.
Тој смета дека САД нема да го променат ставот и да испратат свои сили во Украина. И дека најверјатно Европа ќе биде таа која прва треба да распореди свои мировни сили, зависно од договорот.
-Поддржувам да се испратат трупи во Украина, но само ако тој договор го штити украинскиот суверенитет и територијален интегритет. Во спротивно, тие ќе бидат под ризик да се најдат на погрешно место во погрешно време кога Москва ќе реши да ја обнови војната. кб/
Фото: МИА архива