• сабота, 23 ноември 2024

Самостојна изложба на Генци Кадриу во Тирана

Самостојна изложба на Генци Кадриу во Тирана

Тирана, 6 септември 2024 (МИА) - Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска иднина (МАЕИ)  ги повика Македонците да присуствуваат на вечерашната самостојна изложба на уметникот Генци Кадриу, Македонец со потекло од Голо Брдо.

-Изложбата ќе се одржи на денеска во Parking Art Gallery, во организација на Комитетот на националните малцинства и под покровителство на претставничката на македонското малцинство Марјана Костофски и потпретседателот Сеад Казанџиу, со поддршка на Македонската амбасада во Тирана, стои во објавата.

Се додава дека Генци Кадриу, кој потекнува од селото Требиште, област Голо Брдо, живее и работи во градот Фиер. Завршил високо образование на Академијата за ликовни уметности во Тирана во 1990 година.

Меѓу неговите познати дела е „Македонија“ – уметничко прикажување на главните личности од македонската историја, изработено врз основа на историски материјали и моделирани во глина.

- Не ја пропуштајте можноста да ја видите уметноста на Генци Кадриу и да го поддржите неговиот креативен израз, апелира МАЕИ.

Претходно и  Македонското друштво „Илинден“-Тирана, чија мисија е заштита на македонскиот идентитет и култура, ги повика припадниците на македонското национално малцинство и сите љубители на уметноста, да дојдат и одблиску да ги видат делата на уметникот Кадриу.

Како што самиот Кадриу во една прилика кажа делото "Македонија" ја отсликува посветеноста на јазичното и културното наследство на неговото семејство, кое го вградил во комплементарното уметничко дело и оти „неговата поставка Македонија е рефлексија и на неговата посветеност на социјалните прашања, каде уметноста и културата ги обединуваат луѓето и народите“. вт/лв/

Фото: Кадриу ФБ

Остани поврзан