Салвини: Кога војната ќе заврши, украинските и руските спортисти ќе учествуваат на Зимските олимписки игри во 2026 година
- Лидерот на италијанската крајна десница Матео Салвини, заменикот на премиерката на Италија, Џорџа Мелони, изрази надеж денеска дека „кога ќе заврши војната“, украинските и руските спортисти ќе учествуваат на Зимските олимписки игри 2026 година во Милано и Кортина д'Ампецо.

Koртина, 25 март 2025 (МИА) - Лидерот на италијанската крајна десница Матео Салвини, заменикот на премиерката на Италија, Џорџа Мелони, изрази надеж денеска дека „кога ќе заврши војната“, украинските и руските спортисти ќе учествуваат на Зимските олимписки игри 2026 година во Милано и Кортина д'Ампецо.
„Бидејќи во тек се мировни преговори и олимпискиот дух треба да биде дух што ги зближува луѓето и спортистите, се надевам... дека Игрите во Милано и Кортина ќе бидат првите каде ќе ги видиме украинските и руските спортисти на патеките“, рече Салвини на отворањето на патеката за боб и санкање за Игрите во 2026 година.
„Да се видат спортисти од целиот свет, кога војната ќе заврши, како поминуваат 1.700 метри на оваа патека, значи дека и ние ќе изградиме мало парче мир и тоа ќе биде најважно“, рече Салвини, кој е и министер за транспорт и инфраструктура во италијанската Влада.
Откако Русија ја нападна Украина, со поддршка на Белорусија, во февруари 2022 година, спортистите од овие две земји беа исфрлени од меѓународни натпревари, а таму каде што учествуваат, тие мора да исполнуваат строги критериуми и да се натпреваруваат како неутрални, без химни, знамиња и национални симболи.
Само 15 руски спортисти учествуваа минатото лето на Олимписките игри во Париз, во поединечна конкуренција.
Истиот принцип би можел да се повтори и на Зимските олимписки игри 2026 година од 6 до 22 февруари во Милано и Кортина.
„Мојата цел е италијанската Влада максимално да ја искористи идејата дека Европа мора да биде протагонист на мирот“, рече Салвини. рп/
Фото: МИА архива