• понеделник, 18 ноември 2024

Руте: НАТО ќе продолжи со поддршката за Западниот Балкан  

Руте: НАТО ќе продолжи со поддршката за Западниот Балкан  

Брисел, 17 октомври 2024 (МИА) - Мораме да бидеме свесни за состојбата на Западниот Балкан во услови кога дијалогот Белград-Приштина што се води со посредништво на ЕУ не се одвива онака како што би сакале и кога постојат сецесионистички тенденции за поделба на Босна и Херцеговина, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата пред почетокот на дводневниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на Пактот во Брисел. 

- Без сомнеж тоа ќе биде на нашата агенда и бидете сигурни дека ќе сториме се и ја изразуваме нашата поддршка за Западниот Балкан, рече Руте. 

Тој додаде дека го поздравува и одржувањето на Самитот на Берлинскиот процес, како дел од напорите, пред се на Германија, за приближување на Западниот Балкан кон ЕУ, но и кон НАТО. 

Руте додаде и дека НАТО ќе продолжи да ја поддржува Украина онолку долго колку што ќе биде потребно и тоа е пораката до рускиот претседател Владимир Путин дека поддршката за земјата ќе трае се додека не се создадат услови за мировни преговори со Русија 

- Може да бидете апсолутно сигурни дека сите 32 сојузници се обединети во ставот дека заедно ќе направат се Украина да надвладее на теренот и Путин да не го добие тоа што го сака, истакна Руте. 

Генералниот секретар на Алијансата додаде дека на денешната работна вечера, на која ќе се разговара за Украина, украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе ги запознае министрите за најновите случувања во земјата, но и тој  ќе биде информиран за „неверојатниот напредок на НАТО“ во обезбедувањето поддршка за Украина. 

- Како што знаете во првата половина од годинава 20,9 милијарди евра веќе „се во џебот“ (на Укрина) и имаме доволно простор да ги испорачаме сите предвидени 40 милијарди до крајот на годината, додаде Руте, поздравувајќи ги при тоа последните најави на неколку земји, меѓу кои и на САД и Австралија, за испраќање конкретна помош за Украина. 

Во врска со членството на Украина во НАТО, Руте нагласи дека на јулскиот Самит на Алијансата во Вашингтон беше потврдено дека тоа е неповратен процес. 

- Тоа значи дека во иднината, НАТО ќе има најмалку 32, дури можеби и 34 земји и меѓу нив ќе биде и Украина, истакна Руте, додавајќи дека иако засега не може да каже конкретен термин за зачленувањето, тоа што во моментов се работи на поддршка за обнова на Украина и за обезбедување на нејзината интероперабилност со Алијансата, претставува мост кон членство на земјата во Пактот. 

Запрашан што е Русија за НАТО, кога е очигледно дека земјата повеќе не е партнер на Алијансата, Руте одговори дека и на следната средба на министрите за надворешни работи на Пактот што ќе се одржи годинава и на Самитот следната година, ќе се разговара за идите односи на сојузниците со Москва на долг рок, па затоа не сака да ја прејудицира таа дебата. 

Во врска со Белорусија, Руте нагласи дека сите докази укажуваат оти Минск ги поддржува руските воени напори со инфраструктура и територија и тоа го прави на штета на сопственото население. 

- Таа му помага и го поддржува Путин во војната во Украина и тоа мора да запре. Тоа секако зависи од белоруската политика и народ, но во овој момент земјата страда поради тоа што нејзиниот претседател и ја дава таа поддршка, додаде Руте.   

Тој потсети и дека како дел од напорите на НАТО за интензивирање на глобалните партнерства, на состанокот ќе присуствуваат и министрите за одбрана на земјите партнери од Азиско-пацифичкиот регион – Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд, како и претставници на Европската Унија. Со нив ќе се разговара за продлабочување на соработката во повеќе области, пред се во сферата на иновациите, индустриското производство и борбата против хибридните закани и кибер нападите. 

На министерскиот состанок на НАТО учествува и министерот за одбрана Владо Мисајловски. сп/

Фото: НАТО

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан