• петок, 20 декември 2024

Тркалезна маса: Афирмацијата на делото на Мисирков е потребна и денес кога од некои соседи, се уште се оспорува посебноста на македонскиот идентитет и јазик

Тркалезна маса: Афирмацијата на делото на Мисирков е потребна и денес кога од некои соседи, се уште се оспорува посебноста на македонскиот идентитет и јазик

Скопје, 18 ноември 2024 (МИА) - Мисирков не е само македонски лингвист, тој е и европски лингвист и е нашиот цивилизациски влог во развојот на филолошката, на лингвистичката мисла од тој период. Тој ни оставил национална програма како се сака и се почитува татковината и мајчиниот јазик. Афирмацијата на неговото дело и академски профил е потребна и денес особено кога од некои соседи, за жал, се уште се оспорува посебноста на македонскиот идентитет и јазик.

Ова беше истакнато по повод денешното одбележување на 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков со Тркалезна маса „Академскиот профил на Крсте Мисирков“ што се одржа на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во заедничка организација со Институт за национална историја, Институт за фолклор „Марко Цепенков“ и Институт за македонска литература. 

Професор др. Лилјана Гушевска од Институтот за национална историјa ќе нагласи дека за Мисирков е секогаш важно да се зборува, и никогаш не е доволно она што е кажано.

-Досега се напишани илјадници страници, и од домашни и од странски истражувачи, и не само што ние Македонците со голем пиетет се однесуваме кон неговото дело, туку импозантно е кога ги читаме странските лингвисти, историчари, проучувачи на делото на Мисирков со каква почит зборуваат за него. Навистина Мисирков оставил едно огромно наследство. Тоа наследство не може да се брои со страниците што ги испишал, затоа што секој збор е извонредно значаен, затоа што Мисирков, едноставно, ни оставил една национална програма, и во книгата „За македонските работи“, но и со севкупното негово дело. Ни оставил национална програма како се сака и се почитува татковината, како се сака и се почитува мајчиниот јазик, каков однос треба да имаме кон сето она што не прави нас Македонци, различни од другите. Тој секогаш бил со почит кон другите, секогаш бил да ги почитува културата историјата, идентитетот на другите народи, на другите луѓе. Но затоа и барал и нам Македонците да ни се признае правото како оделен народ со свој јазик и свој идентитет, и целиот свој живот тој доследно го работел тоа како македонски интелектуалец, посочува професорката Гушевска.

Прашана во однос на местото на Мисирков во славистичката наука денес, проф. Гушевска ќе каже дека има многу убави статитии и прилози напишани за Мисирков од странските лингвисти каде тој се цени дури и како предвесник на некои научни дисциплини што тогаш не постоеле.

-Уште во 70-те години хрватскиот лингвист академик Далибор Брозович има кажано дека Мисирков и неговото дело не можат секогаш да се мерат со параметрите и терминологијата на времето во кое дејствувал. Тој вели, е предвесник на некои научни дисциплини како што  е социолингвистиката, што се јавиле 50-тина, 60-тина години по излегувањето на книгата „За македонските работи“. Така што Мисирков не е само македонски лингвист, тој е и европски лингвист. Тој е нашиот цивилизациски влог во развојот на филолошката, на лингвистичката мисла од тој период, вели проф. Гушевска.    

Нејзината колешка професор др. Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја истакна дека идеја да се организира оваа тркалезна маса не е само поради фактот што одбележуваме 150 годишнина од раѓањето на овој голем македонски деец, Крсте Мисирков, туку и затоа што е ова време можеби погодно да се истакне неговата улога, не само она што го направил, туку и да се афирмира академскиот профил на Крсте Мисирков.

-Понекогаш се запоставува тој аспект и особено е жално што своевремено кога тој живеел во својата современост, не бил доволно афирмиран од низа околности во коишто живеел и коишто ја засегнувала, пред се Македонија. Тоа е време на крајот на 19 век и почетокот на 20 век, време кога славистичката наука и не само славистичката наука, туку и политиката, имено, се занимава со Македонија и Македонците обидувајќи се да ја проучи Македонија, но притоа многупати негирајќи го македонскиот идентитет. Во такви услови се раѓа делото на Крсте Мисирков и токму како и многумина и неговото дело не е доволно и во неговата современост афирмирано. Да се надеваме дека на овој начин уште еднаш ќе поттикне натамошни истражувања на Мисирков, зашто тие заслужуваат и неговите истражувања, но и нашите на Мисирков, вели Ристовска-Јосифовска.

Таа потенцира дека во неговите истражувања може да се најдат одговори на сите прашања коишто биле горливи и тогаш, а за жал се горливи и денеска.

-Сметаме дека и натаму треба да продолжиме со неговите истражувања бидејќи во неговите истражувања може да се најдат одговори на сите прашања коишто биле горливи и тогаш, а за жал се горливи и денеска. Па, имаме проблеми со докажување на нашето право на името, јазикот, идентитетот, фолклорот, традицијата, „позајмувањата“ од страна на соседите на делови од нашата историја итн. За жал, истите проблеми се провлекуваат ако ги читате неговите трудови со денешните состојби. Да се надеваме дека ќе се промени тоа, вели проф. Ристовска - Јосифовска.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова - Грујовска вели, важно е, прво да си го честитаме денешниот ден на кој што одбележуваме 150 години од раѓањето на нашиот великан Крсте Мисирков, не случајно најголемиот Македонец на 20 век, затоа што всушност тој ги поставува основите на кодифицираниот, на стандардниот македонски јазик. Прашањата што се поставувале тогаш, вели таа, еден дел се одговорени, меѓутоа еден дел, дел од нашите соседи, се уште сакаат да ги негираат.

-Постоењето на македонската држава е факт, македонскиот јазик како литературен јазик е факт, прифатен во светот, и прзинат во највисоките лингвистички кругови и во највисоките славистички кругови. И од тие причини денеска ние всушност само треба да се потсетиме на тоа што ни го остави Крсте Мисирков како аманет, и само треба да ја продолжиме неговата борба. Ако тој во време на непризнавање на македонскиот народ, на непостоење македонска држава, целиот свој работен и животен век го посвети на македонското прашање и на признавањето и созадавањето на македонскиот јзаик, ние сме должни, тоа е наш патриотски чин да го истражуваме македонскиот јазик, да го проучуваме, и секако да се потсетуваме на делото на Крсте Мисирков, вели Јованова - Грујовска.

По повод 150 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков,  Македонски пошти издадоа поштенска марка со номинална вредност од 36 денари и тираж од 6000 примероци. Дизајнер на марката е Лоран Куфало.

Програмата за одбележување на значајниот јубилеј започна со свеченото положување цвеќе на споменикот на Крсте Мисирков во паркот кај МАНУ.  вг/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан