• петок, 23 август 2024

Речиси три милиони луѓе се блокирани поради поплавите во Бангладеш

Речиси три милиони луѓе се блокирани поради поплавите во Бангладеш

Дака, 22 август 2024 (МИА) - Речиси три милиони луѓе се блокирани поради големите поплави во источен Бангладеш, јави ДПА, повикувајќи се на Владата.

Обилните дождови предизвикаа излевање на некои реки во регионот, што придонесе за поплавување. Во текот на изминатите три дена, спасувачките екипи евакуираа околу 75.000 луѓе од вкупно 2,9 милиони луѓе за кои се верува дека се погодени од катастрофата, изјави висок владин претставник во Дака.

Тој ја потврди смртта на две лица, иако локалните медиуми објавија дека бројот на загинати е четири.

Водата поплави домови, патишта и обработливо земјиште во неколку области на источен Бангладеш.

Властите ги прекинаа железничките линии меѓу главниот град Дака и пристанишниот град Чатограм бидејќи многу делови од железничките линии беа потопени, рече Мохамад Монирузаман од националниот железнички оператор.

Снимките покажуваат војници и волонтери од Црвената полумесечина во Бангладеш како ги спасуваат жртвите од поплавите.

Метеоролошкиот оддел на Бангладеш соопшти дека нивото на главните реки во североисточните и источните региони на Бангладеш продолжува да расте.

Иако во некои области сè уште има обилни врнежи, се очекува тие да се намалат до утре наутро, соопшти Метеоролошката канцеларија. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан