• понеделник, 16 декември 2024

Талибанските власти донесоа нови рестриктивни закони

Талибанските власти донесоа нови рестриктивни закони

Исламабад, 22 август 2024 (МИА) – Талибанските власти во Авганистан издадоа сет нови забрани за жените одобрени од Врховниот водач во обид „да се борат против пороците и да промовираат доблест“.

Законите беа објавени вчера, откако врховниот лидер Хибатула Ахунџада ги одобри, изјави владиниот портпарол. Талибанците формираа министерство за „промовирање на доблести и спречување на пороците“ по преземањето на власта во 2021 година.

Министерството, исто така, објави закони за пороци и доблести кои покриваат аспекти од секојдневниот живот, како што се јавниот превоз, музиката, бричењето и прославите.

Ова е прва формална декларација на законот за порок и доблест во Авганистан по преземањето на власта.

Официјални претставници на Министерството за доблести и пороци не беа веднаш достапни за коментар за законската регулатива. Законите му даваат овластување на министерството да биде на првата линија за сузбивање на личното недолично однесување, изрекување казни како што се предупредувања или апсења доколку се утврди дека Авганистанците го прекршиле законот.

Членот 13 од новиот закон се однесува на жените. Тој вели дека е задолжително жените постојано да ги покриваат своите тела во јавност и дека покривањето на лицето е од суштинско значење за да се избегнат „искушенија“. Облеката не треба да биде тенка, тесна или кратка.

Од муслиманките се бара да се покриваат пред мажи и жени кои не се муслимани за да избегнат „да бидат расипани“. Женскиот глас се смета за интимен и затоа не треба да се слуша како пее, рецитира поезија или чита на глас во јавност. На жените им е забрането да гледаат во мажи со кои немаат крвна или брачна врска и обратно.

Минатиот месец, во извештај на ОН беше истакнато дека министерството придонесува за климата на страв и заплашување меѓу Авганистанците преку декретите и методите што се користат за нивно спроведување.

Се вели дека улогата на министерството се проширува и во други области од јавниот живот, вклучително и следење на медиумите и искоренување на зависноста од дрога.

- Со оглед на повеќекратните прашања покренати во извештајот, ставот изразен од де факто властите дека овој надзор ќе се зголеми и ќе се шири е причина за значителна загриженост за сите Авганистанци, особено жените и девојчињата, изјави Фиона Фрејзер, шефица на хуманитарниот сектор на службата за човекови права во мисијата на ОН во Авганистан. јт/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан