Мерц и Лула против интервенција на Куба
- Мерц нагласи дека правото на самоодбрана не подразбира право на воена интервенција во други земји. И бразилскиот претседател остро ја отфрли можноста за инвазија на Куба.
Берлин, 20 април 2026 (МИА) – Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека САД немаат никаква основа за евентуална интервенција на Куба.
- И покрај внатрешните проблеми со комунистичкиот режим, Куба не претставува закана за никого и не упатила закани кон други држави, па затоа не гледам оправдување за интервенција - рече Мерц. Тој повика на избегнување нови конфликти и на решавање на проблемите по дипломатски пат. „За да не започнеме уште еден непотребен конфликт“, изјави Мерц на заедничката прес-конференција со бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва.
Мерц нагласи дека правото на самоодбрана не подразбира право на воена интервенција во други земји. И бразилскиот претседател остро ја отфрли можноста за инвазија на Куба. „Против сум непочитувањето на територијалниот интегритет на нациите и мешањето во внатрешните работи на други земји. Каде е правото на самоопределување? Каде е почитувањето на човековите права и на Повелбата на Обединетите нации?“, изјави Лула да Силва.
Тој и претходно остро го критикуваше конфликтот меѓу САД и Израел против Иран, нарекувајќи го „лудило“. Бразил оваа година е земја партнер на најголемиот индустриски саем во светот, што се одржува во Хановер. ссм/
фото: ДПА