• вторник, 21 април 2026

Макрон повикува на дипломатско решение за кризата меѓу САД и Иран 

Макрон повикува на дипломатско решение за кризата меѓу САД и Иран 

Гдањск, 20 април 2026 (МИА) – Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика САД и Иран на деескалација на тензиите по зачестените инциденти во Ормуската Теснина во текот на викендот.

- Нашиот став останува ист – проблемите мораме да ги решаваме по дипломатски пат. Сите треба да се смират - изјави Макрон на заедничката прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск. Тој оцени дека одлуките на двете страни придонеле за ескалација, посочувајќи дека американската блокада на иранските пристаништа и реакцијата на Техеран со повторно воведување блокада на Ормуската Теснина претставуваат грешки. Преку оваа теснина вообичаено минува околу една петтина од светската нафта и течен гас.

Макрон изјави дека Франција не била цел на нападите во регионот, откако Иран во саботата отвори оган кон неколку бродови, меѓу кои и контејнерски брод на француската компанија „ЦМА ЦГМ“ (CMA CGM). Од компанијата ги опишаа истрелите како предупредувачки и соопштија дека екипажот е безбеден. - Ова не смее да доведе до ескалација, туку до консолидација на договореното – безусловно повторно отворање на Ормуската Теснина, без селекција и без наплата - нагласи Макрон.

Тој изрази и „разумен оптимизам“ за исплатата на европскиот заем од 90 милијарди евра за Украина, по изборниот пораз на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се спротивставуваше на оваа мерка. Според Макрон, со заминувањето на Орбан „се отвора нова ера во Унгарија и во Европа“, што може да овозможи напредок во реализацијата на заемот.

Макрон и Туск разговараа и за нуклеарното одвраќање, енергетиката и за европскиот инструмент „Безбедносна акција за Европа“ (SAFE), вреден 150 милијарди евра. Франција и Полска, која издвојува најмногу за одбрана меѓу членките на НАТО, минатата година потпишаа договор за соработка со клаузула за заемна помош и продлабочување на воените и технолошките врски.

Макрон во март најави дека Франција ќе ги зајакне своите нуклеарни капацитети и ќе ја прошири соработката со европските партнери. - Има логика заеднички да напредуваме во ракетната одбрана, далекуметните способности, системите за рано предупредување, како и во вселенскиот сектор - рече тој.

Во тој контекст, компаниите „Талес Аленија спејс“ (Thales Alenia Space), „Ербас дефенс енд спејс“ (Airbus Defence and Space) и полската „РАДМОР“ (RADMOR) ќе развијат телекомуникациски сателит во геостационарна орбита за потребите на полската војска. Вредноста на проектот не е објавена. Иницијативата е дел од планот на Европската комисија за одбранбена подготвеност до 2030 година, при што Европа бара алтернативи за намалување на зависноста од „Старлинк“ (Starlink) поради загриженост од политичката непредвидливост на неговиот сопственик, Илон Маск. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан