• вторник, 21 април 2026

Јапонија ги ублажи рестрикциите на извозот на оружје

Јапонија ги ублажи рестрикциите на извозот на оружје

Токио, 21 април 2026 (МИА) - Јапонската Влада ги ублажи децениските ограничувања на извозот оружје, што претставува дополнително отстапување од пацифистичката политика втемелена во уставното уредување на државата по Втората светска војна.

Измените, одобрени од Кабинетот и Советот за национална безбедност, имаат за цел да ја зајакнат „безбедносната соработка со партнерските земји“, јавуваат денеска јапонските медиуми.

Јапонија во иднина ќе може да извезува оружје во држави со кои има склучено одредени одбранбени договори, но во исклучителни случаи,  извоз ќе биде можен и во региони зафатени со конфликти.

Јапонската премиерка, Санае Такаичи, важи за тврдокорен застапник на поцврста безбедносна политика.

Олабавувањето на рестрикциите се гледа и како обид за проширување на домашната одбранбена индустрија, со оглед на тоа што јапонските компании досега воглавно беа ограничени на производство за сопствениот арсенал.

Северна Кореја и Кина кои забрзано ги зајакнуваат своите воени капацитети, што се перципира како закана за Јапонија.

Безбедноста на Токио во голема мера зависи од традиционалниот сојузник Соединетите Американски Држави. Но, откако претседателот Доналд Трамп го започна својот втор мандат Вашингтон стана непредвидлив партнер, оттаму што Трамп повеќепати ги доведе во прашање безбедносните гаранции на САД кон сојузниците. аб/јт

фото/МИА архива

 

Остани поврзан