• среда, 25 декември 2024

Рекорден број новозаразени од коронавирус во Европа, се воведуваат построги мерки

Рекорден број новозаразени од коронавирус во Европа, се воведуваат построги мерки
Берлин, 17 ноември 2021 (МИА) - Бројот на жртви од коронавирус во Европа продолжува да расте, денеска Русија забележа најголем број смртни случаи од почетокот на пандемијата, а Германија, Словачка и Чешка имаат најмногу новозаразени, додека Австрија реши да ги заостри условите за влез во земјата по воведувањето на „локдаунот“. Русија денеска има нов дневен рекорд на смртни случаи од последиците од Ковид-19 - 1247. За 24 часа беа пријавени уште 36.626 случаи, вклучително и речиси три илјади во Москва. Како што објави Институтот „Роберт Кох“, во Германија повторно е поставен нов рекорд според бројот на нови инфекции дневно - 52.826, а починале 294 лица. Тоа е за 13.150 случаи повеќе од пред една недела. Седумдневната инциденца се искачи на рекордно високо ниво од 319,5.
Во изминатите 24 часа починале 294 лица заразени со коронавирус. Така, вкупниот број  починати од последиците на инфекцијата се зголеми на 98.274. Словачкото Министерство за здравство објави дека во вторникот се регистрирани 8.342 нови случаи, што е најголема бројка во земјата од 5,5 милиони луѓе досега. Чешката Република во вторникот објави 22.479 нови случаи на коронавирус, што е најголем број во земјата од 10,7 милиони од почетокот на пандемијата. Тој дневен пораст претставува зголемување од 54 проценти во однос на една недела порано и го надмина претходниот јануарски рекорд од 17.778 инфекции во еден ден. Австрија од понеделник ги заострува правилата за влез во земјата и преминување од „3Г“ на  „2.5Г“ правилото. Тоа значи дека за влез во државата треба потврда за вакцинација, потврда за прележан Ковид-19, не постара од 180 дена, а доколку некој ги нема овие два документа, тогаш негативен ПЦР тест. Досега во Австрија можеше да се влезе со негативен антиген тест, а од понеделник ќе важи само ПЦР тестот. Правилото 3Г ќе продолжи да важи за прекуграничната работна сила, според новата Регулатива, која ќе стапи на сила в понеделник. Но, и за нив се заоструваат мерките, што значи дека ПЦР тестот повеќе нема да важи седум дена, туку 72 часа, а антигенскиот тест наместо 48 часа ќе важи само уште 24 часа. Австрија воведе „заклучување“ за невакцинираните, а нејзините сојузни држави воведуваат дополнителни построги мерки. Унгарија денеска има 10.265 нови случаи на инфекција со коронавирус, што е најголем број од крајот на март, објави Владата на својата веб-страница. Стапката на вакцинација во земјата е под просекот на ЕУ. паг/

Остани поврзан