• четврток, 26 декември 2024

Холандската Влада забележа дефицит од две милијарди евра во првите девет месеци од 2024 година

Холандската Влада забележа дефицит од две милијарди евра во првите девет месеци од 2024 година

Амстердам, 25 декември 2024 (МИА) - Во првите девет месеци од 2024 година, холандската Влада забележа дефицит од две милијарди евра, покажуваат податоците објавени од Централниот завод за статистика на Холандија.

Како што се наведува, приходите и расходите на Владата се зголемени за седум отсто на годишно ниво, а највисоките расходи за здравството за речиси 14 милијарди евра, пишува „НЛ Тајмс“. Министерството за финансии на Холандија во својот есенски меморандум предвиде дека дефицитот за цела 2024 година ќе изнесува 17 милијарди евра, што е еднакво на 1,5 отсто од БДП на Холандија.

За да се оствари ова сценарио, холандската Влада во последниот квартал од оваа година би требало да потроши речиси 15 милијарди евра повеќе отколку што добива приходи, додава Централниот завод за статистика. Државниот долг на Холандија во првите три квартали од 2024 година падна за речиси 12 милијарди евра на годишно ниво на 470 милијарди евра, се наведува во извештајот.

Учеството на јавниот долг во БДП на Холандија е 42 отсто и е најниско од 1995 година, кога Централното биро за статистика почна да го мери ова учество.

Европските стандарди налагаат дефицитот на државниот буџет на крајот на годината да не смее да надмине три проценти, а јавниот долг да не надминува 60 проценти од БДП, што значи дека Холандија најверојатно без какви било проблеми ќе ги исполни овие критериуми на крајот на годината.

Фото: МИА архива

Остани поврзан