Захарова: НАТО се обидува да ја претвори Молдавија во центар за снабдување на Украина со оружје
- Руското Министерство за надворешни работи го обвини денеска НАТО дека се обидува да ја претвори Молдавија во логистички центар за снабдување на украинската армија и дека се обидува да ја приближи својата воена инфраструктура до Русија.
Москва, 25 декември 2024 (МИА) - Руското Министерство за надворешни работи го обвини денеска НАТО дека се обидува да ја претвори Молдавија во логистички центар за снабдување на украинската армија и дека се обидува да ја приближи својата воена инфраструктура до Русија.
Портпаролката на Министерството, Марија Захарова на брифинг со новинарите изјави дека мнозинството од населението на Молдавија не сака таа земја да се приклучи во Алијансата.
Зборувајќи за ситуацијата во Придњестровје, Захарова укажа на тврдењата на руските разузнавачки служби, според кои претседателката на Молдавија, Маја Санду, се подготвува за војна.
„Режимот на претседателката Маја Санду има намера да ја искористи енергетската криза во земјата и насилно да го реши прашањето за Придњестровје. Тие категорично ја префрлаат својата одговорност на Русија за запирање на испораката на гас и ја разгледуваат опцијата за насилно окупирање на молдавската државна електрана во Придњестровје“, рече Захарова.
Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) претходно оваа недела предупреди дека Санду подготвува план за воена операција во Придњестровје, велејќи дека никој не може да гарантира дека таа нема да се обиде да започне вооружен конфликт. рп/
Фото: МИА архива