• сабота, 23 ноември 2024

Реакиции по иранскиот напад врз Израел

Реакиции по иранскиот напад врз Израел

Париз, 2 октомври 2024 (МИА) - Вчерашниот ирански ракетен напад врз Израел наиде на општа осуда во меѓународната заедница, а нападот, како херојски, беше поздравен само од палестинскиот исламистички Хамас и од милицијата Хути во Јемен.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го осуди ширењето на конфликтот на Блискиот Исток и рече дека тоа мора да престане и дека е потребен прекин на огнот.

-Европската унија најостро го осудува иранскиот напад, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ. Опасниот циклус напади и контранапади ризикува да излезе од контрола. Потребен е прекин на огнот во целиот регион, напиша високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел на „Х“.

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен го оцени нападот како „целосно неприфатлив“ и додаде дека „целиот свет треба да го осуди“.

Тој рече дека Иран истрелал околу 200 балистички ракети и дека првите извештаи покажуваат оти нападот не успеал, со активна помош на САД и другите партнери.

Берлин го повика Иран да престане да стрела ракети и изрази страв од ескалација на конфликтот.

-Најостро го осудувам нападот, напиша германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок и го повика Иран веднаш да го запре нападот, кој „го приближува регионот до бездната“.

Шпанскиот премиер, Педро Санчез го осуди лансирањето на ракетата од Иран и повика на прекин на „спиралата на насилство“ во регионот.

Русија рече дека експлозивната ситуација на Блискиот исток го покажува „тоталниот неуспех“ на американската политика во регионот и „немоќта“ на Вашингтон да спречи ескалација.

Францускиот премиер, Мишел Барние беше загрижен за ескалацијата на Блискиот исток и за директниот конфликт меѓу Иран и Израел и оцени дека ситуацијата е „исклучително сериозна“.

Британскиот премиер, Кир Стармер го осуди иранскиот напад и ја повтори силната посветеност на Велика Британија за безбедноста во Израел.

Тој ја истакна важноста на прекинот на огнот во Либан, каде Израел изведува напади против Хезболах, и повторно повика на прекин на огнот во Газа и враќање на израелските заложници.

Палестинското исламистичко движење Хамас го поздрави иранскиот напад и рече дека тоа е одмазда по израелското убиство на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија и лидерот на либанскиот Хезболах, Хасан Насралах. 

И милицијата Хути во Јемен, поддржана од Иран, го пофали Техеран за истрелувањето балистички ракети кон Израел, тврдејќи дека операцијата погодила израелски воени цели. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан