• петок, 08 ноември 2024

Промоција на романот „Додаток за фотоалбум“ со присуство на рускиот писател Владислав Отрошенко 

Промоција на романот „Додаток за фотоалбум“ со присуство на рускиот писател Владислав Отрошенко 

Скопје, 24 октомври 2024 (МИА) - Во Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар во Скопје вечер од 19:19 часот ќе биде промовиран романот на современиот руски писател Владислав Отрошенко „Додаток за фотоалбум“, кој неодамна го публикуваше „Македоника литера“.

Како што соопштуваат од Македонска литера, во присуство и со учество на авторот, романот ќе го претстави Венко Андоновски, кој е автор на поговорот во романот.

Романот претставува приказна за една куќа во која живее семејството на чичковците родени со бакенбарди, раскажана со суптилен хумор, со двосмисленост и со виртуозно преплетување на фантазмагоријата, митот и реалноста, па затоа и е наречена „најфантазмагоричната семејна хроника напишана на руски јазик“.

Владислав Олегович Отрошенко (1959 година, Новочеркаск, Руска Федерација) дипломирал на Факултетот за новинарство на Московскиот државен универзитет. Член е на меѓународниот ПЕН-центар и на Сојузот на руските писатели. Член е на жирито за книжевна награда „Јасна Полјана“.

Романот „Додаток за фотоалбум“ е меѓу најпознатите и најпреведуваните дела на Отрошенко и беше многу добро прифатен и оценет во Франција и во Италија. Овој роман е првото негово дело преведено на македонски јазик. Книгата е преведена со финансиска поддршка на Институтот за превод од Москва и на Министерството за култура на Република Македонија.

Според овој роман, во 2021 година, во Русија беше снимен игран филм.

Делата на Отрошенко се преведени на 14 јазици. Негови попознати книги се „Велигденски хаику“ (1991), „Личност без кредибилитет“ (2000, 2005, 2010), „Тајната историја на создавањето“ (2005), „Води ме, слепецу“, истражувачки роман за судбината и кривичниот случај на Сухово-Кобилин (2007), „Случај на инженерскиот град“, избор (2008), „Дворот на прадедо Гриша“ (2010), „Гоголијана и други раскази“ (2013), „Гоголијана. Писателот и просторот“ (2016), „Предградијата на Вавилон“ (2022).

Во петок (25 октомври) со почеток во 19 часот, романот ќе биде промовиран и во Културниот и информативен центар во Битола (Офицерски дом).ар/са/

Фото: Македонска литера

Остани поврзан