„Вечнеење“ - самостојна изложба на Никола Пијанманов
- Во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје вечер ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Никола Пијанманов, насловена „Вечнеење“.
Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје вечер ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Никола Пијанманов, насловена „Вечнеење“.
На изложбата се поставени дела од тригодишно истражување за човекот кој чека, изгубен во огромните простори и лавиринти на чудниот, апсурден и тежок макросвет. Човекот заробен во состојба на бесконечното исчекување.
Како што најавија од КИЦ, изложбата ги поврзува една заедничка тема, и во фигуративните слики и во пејзажните композиции. Тоа е осаменоста и кревкоста на поединецот, човекот во распаѓање и слободен пад – човекот клекнат пред ѕидот и машината на суровиот либерален свет кој ја гази човечката слобода и личност повеќе од било кои времиња во историјата.
-Тука се додава бесконечното чекање на човекот во бескрајните транзиции на корумпирани општества и системи. Слабиот човек душевно и телесно заробен во чекалниците на Европа, напуштените предели, села и населби, оттуѓените семејства и епидемијата на разделби. Контрастот и единствениот излез е претставата на човечката фигура во чудесните предели на восхитувачката природа. Во тоа опкружување сликите добиваат мистично и екстатично значење, соопштија од КИЦ.
Рецензентот на изложбата Емил Ниами во текстот од каталогот напиша дека „сето ова наведува на една друга размисла, а тоа е гледањето на уметноста низ призма на уметникот, а не како чисто ликовен елемент“.
-Она што навистина воодушевува во неговото поново творештво е тоа што е апсолутно очигледно дека Никола не слика, туку го живее сликањето. За него сликањето не е само процес, туку и начин на живеење, начин на размислување, приближување и оддалечување, нешто во коешто тој не само што ги предава нештата, ами се предава и самиот себеси, односно и тој станува дел од сопствената уметност. Ова би можело да се противоположи на тетоважите – доколку тетовирањето е сликарство на кожата на човекот, сликите на Пијанманов претставуваат платна со човечки елементи, се вели во текстот на Ниами.
Изложбата ќе биде поставена во двата салони на Културно информативниот центар во Скопје.бт/са/
Фото: Плакат