• среда, 24 јули 2024

Претседателот на Собранието Гаши се сретна со заменик-министерот за исламски прашања на Саудиска Арабија

Претседателот на Собранието Гаши се сретна со заменик-министерот за исламски прашања на Саудиска Арабија

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Односите меѓу Северна Македонија и Кралството Саудиска Арабија се пријателски, со заедничка посветеност за нивно продлабочување, а има голем простор за динамизирање на економската соработка.  

Ова било заклучено на средбата меѓу претседателот на Собранието Африм Гаши со Авад Ал Анзиј Бин Сибтиј, заменик-министер за исламски прашања на Кралството Саудиска Арабија, кој предводи делегација во посета на земјава. 

Како што соопшти собраниската прес-служба, на средбата присуствувале и пратениците од Собранието на Северна Македонија Аднан Азизи и Салим Сулејмани, како и претставници на ИВЗ, вклучително со Реиз ул Улема Шаќир Фетаи. 

Посакувајќи му добредојде на заменик-министерот Авад Ал Анзиј Бин Сибтиј, претседателот Гаши истакнал дека оваа посета е значајна за негување на билатералните односи.

Соговорниците се осврнале на можностите за почести дипломатски размени и посети на парламентарно ниво за развој на билатералните односи, а се разговарало и за можностите за подобрување на образовната размена, како и за важноста на културната соработка за поттикнување на меѓусебното разбирање и добра волја.

Во делот на конзуларната соработка, се додава во соопштението, била нагласена важноста од олеснување на патувањата за граѓаните на двете земји. нд/сст/

Фото: Собрание

 

 

Остани поврзан