• сабота, 23 ноември 2024

Премиерот Ковачевски и министри од Владата од утре ќе учествуваат на седмиот Делфи економски форум во Грција

Премиерот Ковачевски и министри од Владата од утре ќе учествуваат на седмиот Делфи економски форум во Грција
Атина, 5 април 2022 (МИА) – Претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економски прашања и министрите за финансии, економија, одбрана, надворешни работи и животна средина, ќе учествуваат на седмиот Делфи економски форум во Грција што почнува утре и ќе трае до 9 април, јави дописничката на МИА од Атина. Според официјалната агенда, за сабота е закажано учеството на премиерот Ковачевски на дискусија со новинар од грчкиот весник „Та неа“, а истиот ден, на посебни, одделни панели ќе дискутираат и премиерите на Грција, на Бугарија, на Црна гора, но и претставници на Европската Унија. Шефот на дипломатијата Бујар Османи заедно со министрите за надворешни работи на Грција, Словачка и Косово, исто така во сабота, ќе дискутираат на тема „Европа по Украина“, а ден претходно на три различни панели е учеството на заменик- претседателот на Владата задолжен за европски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши. Вицепремиерот Битиќи, заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград- Приштина и Западен Балкан Мирослав Лајчак, со заменик- помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар, со поранешниот специјален претставник на САД, Курт Волкер и со претседателот на трговската и индустриска комора на Србија Марко Чадеж, ќе говорат за стабилноста на Западен Балкан. За тоа „Како украинската криза влијае врз економиите во нашиот регион“, министерот Бектеши ќе учествува на дискусија со генералниот секретар за меѓународни економски прашања од грчкото МНР, со програмскиот менаџер на Светската банка за јужна Европа и професор од Економскиот факултет во Белград. Министерот Бесими во петок ќе дискутира со претседателот на Грчката бизнис асоцијација во Северна Македонија. Безбедносните прашања ќе бидат во фокусот на панелот во четврток, на кој ќе учествува министерката за одбрана Славјанка Петровска, заедно со доцент од германски Универзитет и членови на Меѓународниот центар Низами Ганџави. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, утре попладне ќе дискутира со директорот на грчкиот Институт за одржлив развој. На седмиот Делфи економскиот форум насловен „New Realities“ потврдени се 780 говорители од 36 земји, а ќе бидат опфатени низа теми, како што се светската безбедност, глобалната економија, климатските промени, иднината на ЕУ, технологијата, здравството, општеството, културата итн. Економскиот форум што се одржува во градот Делфи е под покровителство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која утре ќе го отвори форумот, а на свеченото отворање, онлајн обраќање ќе имаат и вселенскиот патријарх Вартоломеј и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола. Претседателот и потпретседателот на Форумот, минатата седмица на прес конференција во Атина ја презентираа програмата, истакнаа дека целта е да се покријат сите теми, а ова година поради војната, голем дел ќе биде посветена на Украина, но и на геополитички предизвици. Со оглед на тоа дека присутни ќе бидат премиерите на Северна Македонија, на Бугарија,  Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, и оваа година предвиден е посебен дел посветен на Западен Балкан, нешто што го потврди и основачот и претседател на Форумот Симеон Цомокос, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина. Потврдено е учеството и на комесари и претставници од Европската Унија, а освен низата панел дискусии, планирани се и затворени настани, а еден таков ќе биде посветен на Турција. По две години, поради пандемијата, форумот повторно се враќа во градот Делфи. Делфи економскиот форум е независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, каде секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница, а целта е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања во Југоисточна Европа и Источниот Медитеран, но и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион. Лани, Економскиот Форум од Делфи го организираше Првиот економски Форум во Скопје, а оваа година, на 6 јуни ќе се одржи вториот. Освен во Скопје, планирани се економски форуми и во други градови од регионот, односно во Тирана (10 мај), во Софија (20 мај), во Белград (6-7 октомври). ср/са/

Остани поврзан