• среда, 19 февруари 2025

По договорот за прекин на огнот - од ЕУ за Газа помош од 120 милиони евра (ДПЛ)

По договорот за прекин на огнот - од ЕУ за Газа помош од 120 милиони евра (ДПЛ)

Брисел, 16 јануари 2025 (МИА) - ЕУ денеска соопшти дека ќе обезбеди помош од 120 милиони евра за Појасот Газа, еден ден по објавувањето на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците. 

- Денеска усвојуваме пакет од 120 милиони евра за Газа за решавање на тековната хуманитарна криза таму. Знаеме дека ситуацијата е катастрофална, знаеме дека на Палестинците итно им треба сместување и заштита што се надеваме дека ќе можеме да ја испорачуваме, изјави портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство, Ева Хрчирова.  

Таа додаде дека со овој пакет, во соработка со своите партнери, ЕУ сака да одговориме на најитните потреби и да им помогнеме на Палестинците. 

Пакетот вклучува храна, вода, средства за хигиена, времени објекти за сместување, медицински материјали, како и поддршка на здравствените установи и ранливите категории граѓани. 

Во дистрибуцијата на помошта ЕУ тесно ќе соработува со агенциите на ОН и другите хуманитарни партнерски организации. 

Со ова, вкупната хуманитарна поддршка на ЕУ за Газа од 2023 година надмина 450 милиони евра, кои се надополнување на воздушните хуманитарни мостови преку кои беа испорачани над 3.800 тони помош. 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во врска одлуката за дополнителна помош за Газа порача дека и покрај договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците, кој на регионот му ја дава очајно потребната надеж, хуманитарната ситуација во Газа и натаму „останува мрачна“.  

- Европа ќе насочи 120 милиони евра помош во 2025 година, заедно со тони помош во натура, со што продолжува да ги поддржува Палестинците, рече Фон дер Лајен. 

Еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и справување со кризи Хаџа Лабиб изјави дека прекинот на огнот дозволува „семето на надежта да никне во Газа“, но дека работата за помош на палестинскиот народ е „далеку од завршена“.  

- Итно е потребен безбеден, одржлив и непречен хуманитарен пристап. ЕУ е посветена на поддршката на народот во Газа. Овој нов пакет помош ќе помогне да се одговори на најитните потреби, вклучително и безбедност на храната, засолништа и здравствената заштита, додаде Лабиб. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан