Пицула: На Србија и недостасува реален напредок кон ЕУ
- Србија изминатите години нема вистински напредок на нејзиниот пат кон Европска Унија, изјави денеска известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, пред европратениците од Парламентарната комисија за надворешни работи

Брисел, 20 февруари 2025 (МИА) – Србија изминатите години нема вистински напредок на нејзиниот пат кон Европска Унија, изјави денеска известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, пред европратениците од Парламентарната комисија за надворешни работи.
Извештајот на Пицула се очекува следните недели да биде дополнет и изгласан во Парламентарната комисија.
Тој истакна дека во документот изразува загриженост за прашањата што ги иницираа студентските демонстранти во Србија, кои бараат транспарентност, одговорност и почитување на граѓанските права.
- Целосно е неприфатливо да се поведуваат правни постапки против демонстрантите, како и обвинувања од српските власти против земјите од ЕУ за поттикнување на протестите, наведе Пицула.
Според него, клучна е имплементацијата на препораките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на Советот на Европа за законски измени пред одржување на нови избори.
- Исклучително е важно да се обезбеди независност на институциите, вклучително и во однос на регулацијата на медиумите, потенцира Пицула, додавајќи оти се пријавени недостатоци во владеењето на правото, административните реформи, спроведувањето на политиките на ЕУ и борбата против корупцијата.
Пицула ги повика Белград и Приштина да вложат напори за намалување на тензиите и почитување на постигнатите договори.
- Нормализирањето на односите со Косово е клучно за напредокот на Србија на патот кон ЕУ, истакна Пицула.
Тој наведе дека Србија мора јасно да покаже дека е стратешки ориентирана кон ЕУ.
Србија има кандидатски статус за пристап од 2012 година, а преговорите ги почна во 2014 година, при што досега се отворени 22 од 35 преговарачки поглавја. Две од поглавјата се затворени. ми/
фото: МИА архива