• сабота, 23 ноември 2024

Петровска во посета на Командата за операции во Куманово и на армиските припадници во касарната „Илинден“

Петровска во посета на Командата за операции во Куманово и на армиските припадници во касарната „Илинден“
Скопје, 10 февруари 2022 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска, во придружба на началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, денеска ја посети Командата за операции на Армијата на Република Северна Македонија во кумановската касарна „Боро Менков“ и припадниците на Логистичката база, Баталјонот за специјални сили и Ренџерскиот баталјон во касарната „Илинден“ во Скопје. На средбите Петровска порача дека Армијата многупати го покажа своето место во општеството, пристигнувајќи прва во помош на граѓаните секогаш кога е потребно. -Граѓаните најголема доверба имаат во вас, во целата Армија и тоа е повеќе од заслужено. Нашиот приоритет е онака како што вие се грижите за државата, така и државата да се грижи за вас, да ви овозможиме да имате одлични услови за работа, да работите со најсовремена опрема и да имате можност да вежбате и да се обучувате континуирано, рече министерката во Командата за операции. Петровска, како што информираат од МО, порача дека буџетирањето на одбраната кое е основа на развојот е стабилно и во постојан раст. Годинава одбранбениот буџет е во висина од 1,77 проценти од бруто-домашниот производ, а Министерството и Владата остануваат цврсто на ставот дека планот за одвојување на 2 проценти од БДП до 2024 година за одбраната, ќе се реализира. -Овие средства ги користиме умно и домаќински. Парите на граѓаните се користат за набавка на софистицирана опрема и за зголемување на капацитетите на нашата Армија да одговори на секоја потреба на граѓаните и на државата. Повеќе средства за одбраната значи подобра Армија и помотивирани припадници, подвлече министерката. Командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини ја информираше министерката за активностите и надлежностите на Командата и за плановите за развој на нејзините цели и способности. Во касарната „Илинден“ во Скопје, министерката беше брифирана за активностите на Логистичката база, баталјонот за специјални сили и Ренџерскиот баталјон. Припадниците на овој баталјон пред министерката Петровска изведоа показна вежба на алпинистичката кула, додека армиските специјалци прикажаа дел од своите способности во боречки вештини.вј/дма/

Остани поврзан