• четврток, 07 ноември 2024

Мицкоски: Владата никогаш нема да отстапи од членството во ЕУ, но и нема да стори нешто што е спротивно на националните интереси

Мицкоски:  Владата никогаш нема да отстапи од членството во ЕУ, но и нема да стори нешто што е спротивно на националните интереси

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата, на која даде отчет за сто дена од сработеното на новата извршна власт, се осврна и на издвојувањето на Албанија од земјава во процесот во евроинтегративниот процес,  напоменувајќи дека по ова прашање двете битни позиции се дека Владата никогаш нема да отстапи од полноправното членство во ЕУ, но и дека никогаш нема да направи нешто што е спротивно на националните интереси и стратешки определби на граѓаните.

Во своето обраќање во делот на забелешките, кои се упатувани кон Владата во овие сто дена, говорејќи за раскинувањето на пакетот Скопје-Тирана и закажување почеток на преговори со Албанија на 15 октомври, додека земјава се уште останува во чекалната на ЕУ, поради неусвојувањето на уставните измени, Мицкоски посочи Владата никогаш нема да направи ниту една остапка, која ќе значи дополнително понижување и срам за македонските граѓани.

-Ја уверувам македонската јавност за две работи. Како прво да веруваат дека оваа Влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните, на националните интереси и стратешки правци на граѓаните. Нема никогаш да направи ниту една отстапка која ќе значи дополнително понижување и срам за македонските граѓани, без разлика, дали се тоа Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или останати. Вие сте оние на кои им го должиме сето она кое што денеска го претставуваме. Вашиот интерес е наша заповед, а ние ќе фукционираме како ваши слуги. Втора работа, втора моја порака е дека како Влада никогаш нема да отстапиме од нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство од ЕУ и ако треба ќе разговараме со кого било и ако треба ќе разговараме колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис, кој е достоен, кој нема да повторно да ги повреди чувствата на македонскиот народ, но и на останатите кои живеаат заедно со него, изјави Мицкоски.

Има напредок во реализацијата на автопатот од Кичево до Охрид, секојдневно се работи и очекувам првата половина од автопатот од селото Арбиново до Охрид, со исклучок на мал дел кај село Ботун

Тој смета дека и двете стратешки цели може да се реализираат и дека не се во конфликт една со друга. 

За тоа што конкретно ќе преземе за продолжување на патот на евроинтеграциите, со одговор дека фокусот останува на ЕУ, на работата дома, на внатрешните реформи, но без дополнителни понижувања и отстапки. Додаде дека земјава има многу пријатели во европското семејство. 

-Ќе мора да се навикнете на македонски политичари кои не коленичат, не виткаат кичма и додека го ограбуваат својот народ не потпишуваат договори на штета на својот народ и на своите граѓани. Мора да се навикнете на политичари кои се грижат за своите граѓани, кои работат за своите граѓани чесно и одговорно, без истите да ги понижуваат, ограбуваат. А фокусот на оваа Влада, како што кажав, останува кон ЕУ и исполнување на нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство во рамките на ЕУ. Не сме сами, имаме многу пријатели, многу пријатели кои се дел од европското семејство. Продолжуваме да градиме пријателства коишто се дел од европското семејство. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите и земјите-членки на ЕУ и дека тоа е начинот и правиот пат, простете јас не сум добар соговорник. Со мене може да се разговара само врз основа на аргументи, рече Мицкоски.

Во врска со одбивањето од страна на Бугарија на посредништвото, кое го понуди унгарскиот премиер Виктор Орбан за приближувањето на ставовите Скопје-Софија, Мицкоски рече дека жали што соседната држава има таков став, но изрази подготвеност за натамошни разговори.

-Треба да се разговара, преговара, додека не се постигне решение и токму тоа го понуди мојот личен пријател и пријател на Македонија, господинот Виктор Орбан. Еве ние претседаваме со ЕУ, дојдете да седнеме да разговараме да помогнеме колку можеме, прифатив, покажав конструктивност, жалам што нашиот источен сосед не прифати, јас стојам на располагање, ќе прифатам, нека кажат каде, колку е потребно да разговараме со денови, со часови, се да ставиме на маса да го решиме ова еднаш засекогаш, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Во врска со изјавите на дел од неговите коалициски партнери од Вреди, односно вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, кој рече дека е уверен оти уставните измени ќе бидат донесени до крајот на годината, Мицкоски повторно направи паралела со Преспанскиот договор и го спомена принципот „Pacta sund servanda“, кој смета дека треба да важи и за Договорот во добрососедство, каде нема одредба за уставни измени како услов. Повтори и дека како и во однос на првиот договор, така и во во случајот со Бугарија, уставните измени треба да станат ефективни откако Софија ќе го ратификува претпристапниот протокол за членство во Унијата. 

Премиерот рече и дека во владината коалиција се разговара за сите теми, па така и за процесот на евроинтеграција и оти имаат конструктивна дискусија. ац/ев/

Фото: Влада/МИА архива

Остани поврзан