• вторник, 24 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на отворањето на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ 2024

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на отворањето на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ 2024

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на свеченото отворање на 3. Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ 2024 што се одржува под нејзино покровителство, во организација на НУ „Театар за деца и младинци - Скопје“. Станува збор за фестивал кој, рече, иако е стар само три години, веќе стекна заслужен углед, не само дома, туку и пошироко, како квалитетна и оригинална културна манифестација.

-Во оваа прилика не можам, а да не ги пофалам организаторите, Театарот за деца и младинци кои создадоа врвна манифестација  достојна на споменот на нашиот талентиран актер Игор Маџиров, кој за жал прерано нè напушти, оставајќи огромна празнина во неговиот матичен театар и во македонското глумиште, рече претседателката.

Изрази и уверување дека фестивалот ќе понуди врвен квалитет на сцената на Театарот за деца и младинци, но и на сцените на неколку други театри во Скопје при што публиката ќе има несекојдневна можност во наредните денови да проследи десетина претстави од театри од неколку европски земји, создавани со љубов и трпение.

 Сиљановска Давкова упати порака до сите деца и млади, да живеат и уживаат во театарот и уметноста, да растат и да се развиваат со убавото и благородното, како и порака до нивните родители и до возрасните,  да го чуваат детето во себе, да ја негуваат неговата љубопитност, слобода и непослушност.

-Дозволете на крајот на моето обраќање да посакам Театарот за деца и младинци да продолжи да создава богата програма и да ги радува најмладите, да расте со нив. Посакувам овој симпатичен и топол уметнички дом, да се прошири и да порасне, соодветно на потребите на домаќините, но и гостите – публиката!, рече Сиљановска Давкова.

На отворањето на фестивалот чие мото годинава е „Сè e твое”, беше прикажана претставата „Не ме чекај“ во режија на Вера Розанова, во изведба на театарот „Снег на трепките“ од Франција. Фестивалот наменет за детската и младинската публика, има за цел да ја промовира, развие и популаризира детската театарска продукција, следејќи ги најновите трендови на содржини, форми, настани и текови во сферата на детскиот театар. мч/aa/

фото: Кабинетот на претседателот на РСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан