• понеделник, 30 септември 2024

Папата Франциск ја заврши посетата на Белгија со литургија пред 35.000 верници

Папата Франциск ја заврши посетата на Белгија со литургија пред 35.000 верници

Брисел, 29 септември 2024 (МИА) - Папата Франциск денеска одржа литургија на националниот стадион во Брисел на крајот од посетата на Белгија.

Од зори, околу 35.000 верници, опремени со знамиња на Белгија и Ватикан, почнаа да ги заземаат своите места на стадионот „Крал Бодуен“ во Брисел, каде што 87-годишниот папа пристигна околу 9:45 часот.

Тој ја почна својата обиколка на стадионот со својот папамобил, поздравен од верниците кои се придружија на гласната музика на оргулите.

На литургијата папата побара да им се суди на лицата од редовите на свештенството кои извршиле сексуална злоупотреба и нивните бискупи да престанат да ги прикриваат овие злосторства. Тој ја пофали храброста на лицата кои доживеале злоупотреби, сведочеле за нив и предизвикале скандал што го намалувал кредибилитетот на црквата.

„Злото мора да се изнесе на отворено“, рече папата во обраќањето до верниците собрани на стадионот, што беше проследено со повеќекратен аплауз од присутните.

„Нема место за злоупотреба. Нема место за прикривање на злоупотребата“, додаде папата.

Тој вчера имаше средба со 17 луѓе кои доживеале злоупотреба, кога од прва рака слушнал за траумата што ја преживеале и неуспехот на црквата да реагира кога ги пријавиле злосторствата.

Папата треба да го напушти Брисел и да одржи традиционална прес-конференција во авионот со кој се враќа во Рим, каде што се очекува да пристигне околу 15 часот. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан