• среда, 12 март 2025

ОН: Цели семејства се убиени во немирите во Сирија

ОН: Цели семејства се убиени во немирите во Сирија

Женева, 11 март 2025 (МИА) - Цели семејства, вклучувајќи жени и деца, се убиени во сирискиот крајбрежен регион за време на операцијата на безбедносните сили на новите власти против бунтовниците, лојални на соборениот претседател Башар Асад, соопштија денеска Обединетите нации.

Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека документирала 111 цивилни жртви, но очекува реалната бројка да биде значително повисока, изјави портпаролот на Канцеларијата на ОН за човекови права Тамиен ал Хитан на брифинг за медиумите во Женева.

Според невладината мониторинг организација Сириски центар за мониторинг на состојбата со човековите права, над 1.000 луѓе се убиени.

„Многу од документираните случаи се егзекуции по брза процедура. Се чини дека тие се извршени на верска основа...“, им рече тој на новинарите.

Во врска со тоа, Русија соопшти дека сака да види обединета и пријателска Сирија, бидејќи таму нестабилноста може да влијае на целиот Блиски Исток, наведе денеска Кремљ.

Повеќе од 1.000 луѓе, главно цивили, се убиени во судирите меѓу приврзаниците на поранешниот претседател Башар Асад и новите исламистички владетели во земјата. Москва беше главен поддржувач на Асад, кој побегна во Русија во декември откако беше соборен од власт.

Русија има две стратешки важни воени бази во Сирија, кои се надева дека ќе ги задржи по падот на Асад, забележуваат агенциите. рп/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан