• сабота, 23 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
21 април 2020 (МИА) Стари записи  Тогаш заради нашите гревови голема напаст не снајде од Лобут паша, и од Арнаутите во Света Гора што престојуваа и од разбојници. За малку не запусте Света Гора. И сите началници, што ги имавме, побегнаа и од браќата наши хилендарци многумина се избричија, побегна и ние останавме 12 души монаси во Хилендар. И големо зло доживеавме од ерсовските Арнаути а исто трака и од сираскеровите човеци што седеа на караулата. Тогаш го симнаа оловото од параклисите и од крестилниците. И без началник голема напаст преживеавме. Тогаш ги изгореа каламариските метоси. Во 1921 година. Духовно бедниот меѓу монасите Спиридон, последниот замонашен во Хилендар. Ох, ох, ох, горко на мене грешникот. Ракопис од манастир Хилендар. * По запустувањето на манастирот „Свети великомаченик Георги“ што е во подножјето на Сува Гора, т.е. Волковскиот манастир, оваа книга беше во Скопско, во манастирот „Свети Никола“, 175 години. По неговото запустување помина во манастирот „Свети Архангел“ уште 100 години. Потоа, егуменот на Лешечкиот манастир „Св. Атанасиј“ ја донесе во својот манастир – во 1825 година. А тој игумен беше Кирил еромонах од село Теарце и неговиот телесен татко Пимен монах и Пименовиот роден брат Далмант монах, замонашен во Света Гора, во Хилендар. Минеј од Лешечкиот манастир. * И пак во  1825 година: се јави друга ѕвезда со многу темна опашка и не личеше на другите ѕвезди, туку изгледаше само како опашка. навечер изгреваше откаде Солун, а заоѓаше накаде Мореја. Се јави околу Крстовден и стоеше цела есен. Ова го пишував јас некогашниот (егумен) на Марковиот манастир Кирил. Чуда на Пресвета Богородица, 1720 год. * Да се знае кога излегов јас грешниот Теодосија од Лесновскиот манастир во 1828 година, месец мај, 3-ти ден. Лесновски пролог, 1572 година. * Ова писмо е пишувано да се знае кога беше везирот на Скопје. Тогаш беше голем кијамет поради гладот: еден шиник пченица чинеше 6 гроша. Откако беше опљачкан Карадаг, однесе ги тие Арнаути карадачани везирот во заробеништво во Стамбол 1831. Потоа беше мирно, премирно. Пишував јас грешниот ереј Паун со своја рака. Запис во ракопис од збирката на С.Петербуршката библиотека. * да се знае кога беше опљачкан Карадаг. Таа 1832 година беше зла поради Турците. Пишуваше Паун ереј од Старо Нагоричино. Шестоднев на Вл. Граматик од 1480 година. * 1833 година, месец јуни, 2 ден. нека се знае кога имаше чума впо Хилендарскиот манастир, та умреа 19 души. Поради ова побегнаа сите калуѓери од манастирот. Тогаш беше проигумен Гедеон епитроп и аџи Јосиф., Исаија архимандрит. Во тоа време во манастирот беше поп Самоил Софијалија – внатре само 20 души остана, другите сите излегоа надвор. Дури на Свети Симеон браќата се вратија во манастирот Серапион. Книга „камен вери“ од Хилендар. * Овој голем поменик се преведе од старо на нови впо дебарскиот манастир „Св. Јоан“ во 1833 година, во времето на егуменот Арсениј Архимандрит. Пишувал смирениот Даниил, зограф, син Михаилов од Самарина. Бигорски поменик. * Да се знае дека замрзна Вардар во 1833 година, на 25 декември, и држеше мраз 32 дена, така што одеа преку него луѓето сосе коњи. Заопис врз примерок од Огледало, сопственост на семејство од Велес. * Ова гхои напиша поп Паун со своја рака на евангелието од довезенската црква. Кој ќе го украде, да биде проклет од светите отци. 1834 година, месец јуни, 24 ден. Довезенско четвороевангелие, 14 век. * Да се знае кога беше житото во Куманово 15 гроша шиникот во 1840 година. Јас смирениот и грешен ереј Анта во 1840 година, месец јули, 22 ден. Минеј за јули со пролози, 15 век. *1842 година. месец октомври, 7-ти ден. Да се знае како се купија овие мионеи за 12 месеци за Нерешкиот манастир со храм посветен на Св. Пантелејмон, во времето на егуменот хаџи архимандрит серафим Теровец, за 1480 гроша. Руски пшечатен минеј од манастирот „Св. Пантелејмон“ во Нерези. * Да се знае дека оваа книга е на Илета, Христов син. Книга нартечена „Утешение грешним“ од Кирил еромонах, егумен на Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј Синајски“. Оваа книшка Илија ја пишуваше за поздрав на Господа, спасителот наш Исус Христос, на кои го му прилега секоја слава, чест, поклонение на Таткото и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни времиња, амкин.1844 година, месец февруари. Утешение грешним од К. Пејчиновиќ, препис од 1844 година. * Оваа книга се  напиша во времето и по заповедта на смирениот егумен отец архимандрит Теофикл со браќата. Пишуваше смирениот и многугрешен свештеномонах Симеон Саздански, Кузманов син од Лазорополе, 30 мај 1847 година. Поменик, 1847 година. Од книгата „Стари записи“ од Ѓорги Поп-Атанасов, Скопје  1996. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан