• сабота, 27 јули 2024

Новогодишен базар и збогатена празнична програма во Делчево

Новогодишен базар и збогатена празнична програма во Делчево

Делчево, 26 декември 2023 (МИА) – Во Делчево почна Новогодишниот базар сместен во градскиот парк во кој локални стопанственици почнаа со вршење трговска дејност. Делчевчани за време на празниците од посебно поставените куќички за таа намена, ќе можат да купат од домашно произведени производи на трговците како домашни сокови, кондиторски производи, греено вино, разни украси, плетени работи и друго.

- Кај мене може да купите чај, несквик, лижавчиња и друго. Овде имам и некои украси кои ќе ги подаруваме со несквикот, а ги продавам и овие кукли кои ги соши мојата баба. На сите дечиња кои ќе дојдат овде Новата година ќе им ја честитам со новогодишна честитка, вели малата Јова Десподов на која и помага нејзината мајка.

И годинава со производи од сопствената винарија се претставува и производител од делчевското село Драмче.

- Традицијата продолжува и годинава, минатата година имаше 4, сега се 6 куќички. Овде лично ќе можат да вкусат бело и црвено вино Кадарка, Розе и други видови кои ги произведувам и секако греено вино. Ги покануваме сите граѓани да дојдат и да ја збогатат празничната атмосфера, вели Кирчо Јанковски од с. Драмче.

За посетителите одлична е идејата празниците да бидат збогатени со вакви проекти, кои според нив треба да ги има почесто.

- Фантастично, треба вакви проекти почесто да се случуваат, вели делчевецот Емил Десподов.

Од Општината ги поканија граѓаните на Делчево преку заедничка дружба и забава да ја збогатат предновогодишната еуфорија во градот.

- Во рамки на новогодишната програма организирана од страна на Општина Делчево во градскиот парк веќе како што видовте започна новогодишниот базар, во кој локални стопанственици вршат трговска дејност. Забавната програма во која неколку диџеи и бендови ќе се погрижат во позитивна атмосфера и добро расположение да ја дочекаме новата 2024 година ќе се одржи на 28, 29 и 30 декември.

Ве очекуваме!, се вели во поканата од Општина Делчево.

За убава новогодишната атмосфера во Градскиот парк во Делчево поставено е новогодишното украсување, кое годинава е збогатено со зголемен број содржини на радост на најмалите. вс/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан