• среда, 27 ноември 2024

Николоски: Инсистираме да има заеднички проект за доизградба на пругата кон Бугарија и да е изводлив 

Николоски: Инсистираме да има заеднички проект за доизградба на пругата кон Бугарија и да е изводлив 

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Ние инсистираме на нашите позиции да има заеднички проект и да е изводлив за изградба на пругата на Коридорот 8 со Бугарија и да се разгледа цената, бидејќи по сегашната цена не можеме да го реализираме, изјави денеска министерот за транспорт Александар Николоски.

-Овој проект сигурно нема да се работи, дали ќе работиме нов, ќе видиме. Почна вчера дијалог во Брисел, а следната средба ќе биде за две недели на 31 октомври. Да видиме што ќе направиме. Ние инсистираме на нашите позиции да има заеднички проект и да е изводлив проектот, како и да се разгледа цената, бидејќи по оваа цена секако дека не можеме да го реализираме. Да видиме што ќе направиме. Јас се уште сум против овој проект, изјави Николоски денеска за Телма пред почетокот на  Конференцијата во организација на Меѓународната федерација на Асоцијации на контролори на летање и Македонското здружение на контролори на летање што денеска се одржува во Скопје. 

Министерството за транспорт, пак, во официјално соопштение утринава информира дека Владата е силно посветена на изградба на нова железничка мрежа во земјата и дека останува целосно посветена на изградба на источниот дел на железничкиот Коридор 8.

-Тоа всушност го докажува и континуираниот процес на изградба на првата и втората фаза од пругата на Коридор 8. Ова беше цврстиот став на македонската делегација составена од директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски и Државниот секретар во Министерството за транспорт Стефан Волкановски, која со посредство на Европската Унија вчера во Брисел оствари работна средба со претставници од бугарската влада предводена од заменик министерот за транспорт, на која се разговараше за железничкото поврзување меѓу двете земји. Македонија не се откажува од поврзувањето со пруга кон Бугарија, но не може да се прифати реализација на проект кој што завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект, ниту пак има извесност од бугарската страна дека се преземаат активности за железничко поврзување, беше потенцирано од претставниците на македонската делегација, соопшти Министерството.

Единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект, се додава во соопштението, е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји и Македонија и Бугарија заеднички да извршат пробивање на тунелот со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа.

-Мора да има нов повик кој би бил заеднички проект спроведен од Македонија и Бугарија се со цел во исто време да се гради пругата, во духот на добрососедството. Исто така, мора да се ревидира и цената бидејќи сметаме дека е превисока, се вели во соопштението од Министерството.  

Се нагласува дека на состанокот од страна на претставниците од Бугарија беше истакнато дека во овој момент нема проект на кој би работеле на доизградба на железницата до границата со Македонија и изградба на тунел, но изразија подготвеност да започнат со изработка на проект кој би бил готов во 2026 година. вј/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан