• среда, 26 март 2025

Најмалку 21 загинати во нови израелски напади низ Газа

Најмалку 21 загинати во нови израелски напади низ Газа

Газа, 24 март 2025 (МИА) – Во израелските напади низ Појасот Газа загинаа најмалку 21 Палестинец, соопштија денеска здравствените власти, додека израелската војска го нападна Рафа во близина на границата со Египет, ескалирајќи ја новата еднонеделна воздушна и копнена офанзива.

Здравствените власти на Газа соопштија дека Израел убил речиси 700 Палестинци, од кои многу жени и деца, откако ги продолжи нападите врз Газа минатиот вторник, ставајќи крај на неколкунеделниот релативен мир по прекинот на огнот во јануари.

Израелската армија убила најмалку 400 жени и деца во тие напади, соопштија здравствените власти.

Исламистичката група Хамас соопшти дека се убиени и неколку нејзини високи политички и безбедносни функционери.

Израел вели дека ги продолжил своите воени операции за да го принуди Хамас да ги ослободи преостанатите заложници што ги држи во Газа и го доведе во прашање бројот на загинати според здравствените власти.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека неговата земја се бори против Хамас, а не против цивилите во Газа.

- Но, кога Хамас се бори во цивилна облека, од домовите на цивилите и зад грбот на цивилите, тоа ги става цивилите во опасност и тие плаќаат ужасна цена. Затоа ги повикуваме жителите на Газа да се евакуираат од борбените зони, напиша Кац на X.

Сепак, населението на Газа беше принудено постојано да се евакуира и никаде повеќе не е безбедно.

Хамас негира дека користи цивилно население и имот за воени цели.

Во Рафа, илјадници луѓе се заробени во областа Тел Ал-Султан, каде што израелската армија испрати дел од своите сили.

- Контактите со населбата се целосно прекинати, а судбината (на луѓето) не е позната. Семејствата се заробени меѓу урнатините, без вода, без храна, без лекови, среде целосниот колапс на здравствените служби, се вели во соопштението на општинските власти.

Палестинската служба за итни случаи соопшти дека 50.000 жители останале заробени во Рафа.

Израелската војска соопшти дека војниците го опколиле Тел Ал-Султан за „да ги елиминираат терористите во областа“.

Израел ја почна својата офанзива во Газа откако борци на Хамас извршија терористички напад во јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе, главно цивили, и земајќи повеќе од 250 заложници.

Палестинското Министерство за здравство вчера соопшти дека бројот на загинати Палестинци од почетокот на израелската војна во Газа надминал 50.000 жртви. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан